Кој им го смисли ова на Зара?

Зара се соочи со неверојатен бес од јавноста после кампањата за „Јакната“ во која многу видоа алузии за конфликтот на Израел и Палестина.

Манекенката е Кристен Мекменами, а позира меѓу рушевини, скршени ѕидови и кукли завиткани во бели материјали. Едно парче малтер на сетот забележуваат дека потсетува и на мапа на Палестина, а другите слики покажуваат кукли на кои им фалат екстремитети и модел што позира во дрвена кутија.

Луѓето вадат фотографии од настрадани Палестинци и ги споредуваат и повикуваат на бојкот.

Зара веќе ги има повлечено сликите и во изјава за Ројтерс од родителската компанија Индитекс тврдат дека отстранувањето е поради процесот на освежување на редовните содржини, а кампањата ја сликале во септември (конфликтот почна на 7 октомври).

Не е ни прв пат Зара да се обвини за анти-палестински ставови, бидејќи имаше момент кога главната дизајнерка на Зара, Ванеса Перилман, на палестинскиот манекен Кахер Харнаш му пишуваше пораки на Инстаграм против неговите изразени ставови:

„Може ако твоите беа поедуцирани, немаше да креваат болници и школи во воздух, што Израел помогна да се отворат во Газа. Израелците не ги учат децата да мразат или да фрлаат камења по војници како твојот народ што прави.“

Зара тогаш пушти изјава во која ги осуди коментарите на Перилман и кажа дека не толерираат дискриминација од било каков вид.

После глобалните протести и повици на бојкот, Зара ја повлече кампањата и даде нова изјава.

„За жал, некои потрошувачи се почувствуваа навредени од овие слики, кои сега се отстранети и во нив видоа нешто што е далеку од тоа што ни беше намерата кога ги создававме. Жал ни е за недоразбирањето и одново ја потврдуваме нашата голема почит кон сите.“

Колекцијата јакни сè уште ја има на сајтот на Зара, а луѓето се тотално незадоволни од извинувањето.

13 декември 2023 - 11:07