Кој го сака џемперот на Курт Кобејн?

Да си спремите 200.000 долари. Минимум.

Зелениот џемпер што Курт Кобејн го носеше на Емтиви Анплагд настапот на Нирвана во 1993-та ќе биде на аукција на крајот од месецов. Последен пат е разменет во 2015-та за надомест од 137.500 долари, а овој пат ќе се почнува од 200.000. Се очекува дека ќе се најде некој што ќе даде и над 300.000. А ружен џемпер, али ај. Не е ни перен, ако некој се прашуваше.

„Многу е важно да не се пере,” објаснува Дарен Џулијан од Џулијан аукции за Ролинг Стоун. „Флеките се уште таму. Има 11 дупки од цигари.”

Вака го најавуваат:

Џемперот е мешавина од акрил, мохер и ликра, со пет копчиња (едно фали), два надворешни џебови, дупка од изгорено и избледен е кај левиот и десниот џеб. Средна големина. Набавен е од Џеки Фери, блиска пријателка на семејството Кобејн и доаѓа заедно со рачно напишано писмо и едно исчукано на машина, потпишано од Фери.

Па, спремајте платите.

10 октомври 2019 - 13:43