Специјално направените невестински фустани (три ако сте Хејли Бибер и небројни ако сте Пријанка Чопра) се сега секако дел од свадбениот пакет на кој што сме навикнати. Персонализирани ствари, од друга страна не се толку раширена работа, а сепак, некои славни личности се спојуваат со креативните индустрии и успеваат да договорат некакви соработки или поклончиња. Резултатот е - бајкерски јакни за невеста и младоженец, односно - лепак за лајкови на Инстаграм.
Хеди Слимејн од Селин на парот Бибер им прати совршени кожни јакни со напишано „маж” и „жена” со неговиот ракопис. „Жената” е толку воодушевена што си ја носи за бркање работи низ Лос Анџелес.
Зои Кравиц и Карл Глусман се венчаа на приватна церемонија во Париз летово и не објавија никакви слики - освен слика од нив гушнати, облечени во кожни јакни - на двете портрет од сопружникот на грбот. Поклон им се од музичарката и визуелен уметник Саманта Урбани која им напиша и Just Married под портретите.
Принцезата Јуџини стана г-ѓа Бруксбенк во фустан од Питер Пилото, но на приватните прослави во Виндзор носеше розева бајкерска јакна - згодно парче како собрано од Пинк Лејдис од „Брилијантин”, со извезено новото презиме на принцезата. Сама не објави слика, ама Дугал ја објави јакната сликана од блиску, за да се види и дизајнот од кристали.
Наводно, Ким и Канје биле трендсетерите по ова прашање, со нивните кожни јакни на кои Вес Ленг рачно напиша Just Married и Ким си ја носи по комшилук.
Ова воопшто не е лош тренд, што пак, отвара нови, важни прашања: дали поради тоа што не е лош, ние локално ќе го отфрлиме, или сепак можеме да очекуваме кожни јакни на македонски младенци кај и да е?