Кога ви е тешко, пробајте да пратите мејл со комплимент

Понекогаш е стварно толку едноставно да се почувствуваш пофино.

Веројатно ви се познати оние моменти на „што правам, сè иде наопачки, не се издржува,” и слични други мувлосани подруми на психата. Понекогаш бараат разговор со психолог, а понекогаш се решаваат и со кратки терапевтски решенија како на пример ова: секогаш кога ќе се почувствуваш лошо, мизерно, глупо или нервозно, отвори нов мејл и пиши некому нешто позитивно.

Не мора тоа да е долго или елаборативно. Може, ама посреќна варијанта е да биде кратко и фино.

Не влегувајте во језиво - mn si slatka на чат на Фејсбук е нешто сосема друго. СМС порака е поблиску до оваа вежба, ама ќе признаете дека мејлот овозможува едно поинакво, посвечено чувство, колку и да е краток.

И уште една работа: комплимент, а не комплимент ПЛУС „знаеш, нешто ми е тешко, па да видам шо праиш.”

Идете на искрено и едноставно:

„Сега ми текна на еден виц што го кажа лани кога бевме во театар, уште ми е смешно, итн. итн.”

Не знаеш кога точно ќе биде прочитано, ама убаво кога ќе помислиш дека некој може во моментов го чита. Може и тој некој се туфкал до пред да отвори инбокс и сега заради симпатичниот настан / појава / предмет на кој си го потсетил, денот му е за нијанса попријатен и со подотворена врата од метафоричниот подрум.

Не ни мора да очекуваш одговор веднаш. Најдобро е да не очекуваш, туку да се фокусираш на ослободувањето од негативното штоидае во истиот момент на праќањето.

25 јануари 2019 - 00:00