Кога веќе не можеме на плажа…

Мерките попуштаат, границите се отвараат, туристичката сезона срамежливо застанува на нозе, ама раатот никако да дојде.

Не само што нема раат, туку има и агонија и фрустрација, кој само заради тоа што не може да истера одмор, кој затоа што луѓето што ги плаќа за тоа никако да убодат и да се организираат на државно ниво, но добро.

За привремен раат, има тука една фотографка, родена во Австралија, а живее во Париз - се вика Акила Бержуи и последниве неколку години нејзините дела ја прикажуваат суштината на идиличното лето покрај море, во безвременски фотографии за кои многу лесно може да се згреши дека се направени во ’60-ти, ’70-ти или ’80-ти.

Вели дека е опседната со плажи, и шета по Австралија, Италија, Франција и Бразил за да ги фати некои од најфасцинантните примери во светот. Почнала во раното детство, кога од град на плажа во Австралија, се преселила во Бејрут, од каде што е татко ѝ.

„Порано кога градот го викаа Париз на Блискиот исток затоа што беше космополитски, а брегот беше неверојатен. Живеевме на чекор од она што го викаа Либанска ривиера, па дефинитивно сум уверена дека медитеранскиот живот ми го оформи вкусот и естетиката уште од мала возраст.“

Нејзини принтови можат да се купат и онлајн.

А сега, да се ставиме во плажа-филм, макар и преку екран. Којзнае дали местење на сликиве како скринсејвер ќе заврши работа околу смирување на бесот околу целава ситуација.

извор

19 јуни 2020 - 14:50