Кога мајка ти ќе ти избрише Инстаграм профил со 1,7 милиони следачи

Затоа што „не е убаво така“.

Мајката на една 14-годишна инфлуенсерка од Бразил презема драстичен чекор и ѝ ги избриша сите профили на социјалните мрежи на ќерка ѝ, опишувајќи ги како „нездрави“.

Фернанда Роча Канер вели дека не сака нејзината ќерка Валентина да се цени себеси според „онлајн фидбек“.

Кутрата Валентина онлајн е позната како Нина Риос и имаше собрано 1,7 милиони следачи на ТикТок и Инстаграм. И според Фернанда, „мајката не треба да ти биде другарка“, и Валентина „веројатно ќе го сфати тоа со тек на време“.

„Мислам дека не е здраво, дури ни за возрасен човек, а уште помалку за тинејџер да го базира себеоткривањето на онлајн фидбек,“ вели таа. „И онака е доволно тешко да знаеш кој си на 14 години, а кога има два милиони луѓе што мислат дека те знаат е уште поопасно. Полесно е да се изгубиш.“

Сфатила дека треба да ѝ ги избрише профилите на ќерка ѝ кога се логирала и видела 30 идентични селфиња и танцови точки „што секој може да ги изведе“.

За нејзината одлука вели, „Радикална - да. И потребна.“

Не сакала Валентина да порасне верувајќи дека е тој лик. Не сакала да рекламира запаливи алишта од полиестер направени во Кина. Не сака нејзината брилијантна ќерка да се крши на музика како трениран бабун.

„Ова е тажна генерација, каде што ова се смета за слава.“

Мајки ја поздравуваат, тинејџери се разбира негодуваат и ја викаат „посесивна“.

Валентина најверојатно се воздржува од реалните чувства на темава, бидејќи изјавата за во јавност ѝ е,

„Се разбира не бев пресреќна. Многу се налутив.“

Сега не е сигурна кога и дали ќе се врати на социјалните мрежи.

„Ќе изберам. Во моментов, не сакам. Ќе биде нешто што само ќе ми пречи и само ќе ги влоши работите.“

Една е мајка.

5 август 2021 - 08:07