Ќе може и да се прилегне во авион

Како ќе аплаудирате?

Патниците во економска класа може наскоро да имаат прилика и да си легнат за време на долги летови.

Веројатно сме далеку од масовност за оваа работа, ама една авиокомпанија сака да заврши со проблемите од типот тесно, неудобно и здрвен врат. Ер Њу Зиланд објави дека прв пат во светот ќе обезбеди хоризонтални„под-ови“ (како капсули) за лежење, во концепт што го вика Скајнест што во моментов се истражува и се развива. Смислени се наредени кревети на спрат, по три, за тотал од шест спијачки капсули. Седиштата ќе останат, а ова ќе биде додаток.

Веројатно ќе се појави и потреба за ова, бидејќи од есен, Ер Њу Зиланд ќе воведе лет до Њујорк кој ќе трае 17 часа - еден од најдолгите патнички летови во светот.

Она што се знае сигурно е дека нема да бидат евтини. Допрва ќе се објавуваат цените, но од компанијата велат дека четири часа пристап до капсула ќе чини дополнителна сума од таа за седиште. Ќе се менуваат чаршавите и капсулите ќе се чистат по половина час меѓу сесиите.

Не им е прв пат да се обидуваат да им ја зголемат удобноста на патниците - веќе постои опцијата да ги кренат нозете со додаток на седиштето и тоа да глуми кревет. Ова го имаат и Чајна Ерлајнс и Азул од Бразил. Другите не се брзаат да се фатат на орото, па не знаеме кога ова ќе стане нормален додаток на малкуте удопства што ги нуди авионскиот превоз.

На темава, пријателски потсетник дека не мора аплауз при слетување и дека не може да станувате додека се движи авионот, ма колку и да ви е мерак да сте спремни кога ќе се отворат вратите.

29 март 2023 - 13:05