Каролина Херера и проблематичните изјави за коса и фармерки

„Не фармерки и долга коса после одредена возраст“, ќе каже една од иконите на стилот чии парфеми често ги носиме. Не можеш ни да пуштиш да се провлече туку така - Херера не „брани“ фармерки на 90 (а и тогаш, зошто да не?), туку на 30.

Во светот на модата, ретко кое име носи толкав престиж и восхит како Каролина Херера, па природно би било нејзиниот збор да биде закон. А сепак, изјавите и ставовите што ги има за модата и стареењето се проблематични, затоа што кој и зошто (бре) би престанал да носи фармерки после 30-та година од животот?

Херера има впечатлива патека низ светот на модата. Родена е во Венецуела, а во својата професија влегува со вродено чувство за стил и непоколеблива посветеност на квалитетот. Брендот го основа во 1981, во Њујорк Сити и тоа се смета за потег што одново го дефинира модниот релјеф.

И никогаш не се воздржувала да си го каже мислењето.

„Жената мора да старее грациозно и да не се обидува да се прикаже како на возраст на која што не е, или ќе изгледа смешно,“ вели Херера. „Гледам многу жени на улица и од позади изгледаат убаво со долги коси и мали сукњички. Но, кога ќе се завртат - баби!“

Не се знае кога е точно искажано мислењево, можеби е производ на некое друго време кога не бевме баш освестени дека жената може да облекува што сака, но денес нема место за изјавата.

Херера смета дека не смееме да носиме фармерки после 30 и долга коса после 40. Овие гледишта не поминаа без жолчни расправии - некои ја фалат дека е посветена на сопствените модни избори, а други ја предизвикуваат идејата дека возраста треба да го диктира стилот.

Сепак, и самата Херера на крај попушта дека модните избори се субјективна работа. Она што е важно, според неа, е човек да се чувствува удобно и да се изрази автентично.

11 февруари 2025 - 10:43