Како се манифестира анксиозност кај мажи

Статистички гледано, жените имаат двојно повеќе шанси да добијат нарушување со анксиозност. Барем, официјално.

Сепак, анксиозноста не е објективна работа - не можеш под микроскоп во лабораторија да одредиш дијагноза за тоа. Наместо тоа, оставени сме со однос два спрема еден, а науката се потпира на луѓе што самите ќе се пријават за проверка - па, ќе се појават на преглед, ќе кажат симптоми и на крај ќе речат: „Анксиозен сум.”

А и тие што ќе решат да си признаат, се изгњавени од стигма, родови норми и што тоа значи за еден маж, а што за една жена. Затоа еден клинички психолог и специјалист за анксиозност сега ќе ни објасни како тоа функционира кај мажи.

Зошто мажите со анксиозност не ги фаќа радар?

Врската е во начинот на кој анксиозноста се манифестира.

Може да е класична манифестација - грижи, напнатост, секирации. Може да дојде и во еден куп други форми, сепак. Иако не постои машка и женска анксиозност, што правиме со општество каде што мажите што се плашат се стигматизирани?

Злоупотреба на алкохол

Додека жените од навика се вртат кон другарките за поддршка кога се загрижени, мажите се фаќаат за шише. Вистина е дека алкохолот функционира, барем краткорочно. На пример, едно истражување покажува дека „со секоја пијачка, социјалната анксиозност се намалува за четири проценти.” Но, долгорочно гледано, алкохолот им овозможува на мажите да ја избегнат анксиозноста, наместо да се соочат со нејзе, што само ги влошува работите. Како кога сакаш да задржиш топка за плажа под вода - некое време ќе ти успева, за на крај да излезе со сила.

Бес

Сме чуле за реакција со бегање или карање. Бегање е прво што ни паѓа на памет во стресна ситуација. Другата варијанта е карање - кога се чувствуваат како да се пред закана, наместо да бегаат, мажите имаат тенденција да избувнат. Анксиозноста може да започне повеќе непријатности, од развикување, до тивок оган на константна фрустрација.

Иритабилност

Лутење, мрчење, осетливост или нервоза - како и да го наречеш, сè е ова составен дел од однесувањето на човек што е лесно да го изиритираш. Анксиозноста знае да го претвори и најмладиот, најведриот маж во старо мрчало.

Депресија

Сè повеќе мажи се грижат до степен на депресија. Анксиозноста влече избегнување, кое пак им ги ограничува животите. На пример, мажите што имаат панични напади избегнуваат активности што ги потресуваат, како вежбање на пример. Тие што се плашат од осуда избегнуваат излегување со потенцијален партнер. Со тек на време избегнувањето знае да го испразни животот, а тоа станува депресивно. А неможноста да се откачи од анксиозноста, го остава мажот безнадежен и беспомошен - две состојби кои се всушност столбови на депресијата.

Ботом лајн, манифестацијата на анксиозност се разликува кај мажи и кај жени, иако се еднакво подложни на неа. И кај двата пола важат истите работи: Нејасна е („Што ако се случи нешто лошо?”), непропорционална со реалниот ризик или закана (Ако не најдам некое добро место да стажирам летово, кариерата ми е осудена на пропаст!”) и ни вели дека ќе бидеме за никаде што и да се случи („Ќе почекам да не слушам никакви чекори во ходник пред да излезам од станот за да не морам да правам бош-муабети со комшијата.”)

„Но, што уште значат овие еднакви можности? Дека анксиозноста може да се промени. Да тешко е и стресно да се биде човек, но истовремено постои и надеж. Како и да ви се манифестира анксиозноста, побарајте помош. Без разлика на полот, анксиозноста не мора да ви го уништува животот,” вели Елен Хендриксен, клинички психолог во Универзитетскиот центар за Анксиозност и поврзани нарушувања во Бостон.

3 јули 2019 - 16:28