Вовед во родителство:

Како се казнува дете

Ако веќе мора да му се покаже на детето дека згрешило, а не се разбира со муабет, тогаш, фино би било да се разбудиме во свет каде што сите казни изгледаат вака.

Ако сакаш убиј се од читање книги како да бидеш подобар родител и како правилно да го дисциплинираш детето - никогаш нема да бидеш како еден татко од Тексас, Џозеф Блејкни, со врвна техника за дисциплина на потомството.

На кратко, детето нешто ја навредило мајка му.

Што направил Блејкни?

Се дерел?

Врзал шамар?

Праќал „мрш у соба”?

Не.

Џозеф Блејкни облекува црн фустан и го испраќа син му до автобуска како секој посветен татко.

Како што може да се види, таткото и не е некоја нежнотија.

„Кога си безобразен со мајка ти насабајле, до автобус ќе те испрати татко во фин, црн фустан,” пишува Блејкни во Фејсбук објава. Го испратил, и се осигурал дека баш сите убаво го виделе во фустанчето.

„Овој татко не се плаши од ништо,” пишува тој. „Хааахаааа, мислеше дека нема. Сигурно нема пак да му текнуваат глупости.”

Е сега, со еден посериозен пристап, дали психолозите одобруваат вакви методи? Барбара Гринберг, психолог, за Yahoo Style објаснува дека засрамувањето не е ефективна форма на дисциплина. Пофин начин да ги натераш децата да се однесуваат како што треба е да ги натераш на, како што го нарекува таа, „поправање”.

„Ништо не ги учите децата со засрамување,” вели Гринберг. „Односно, со тоа ги натажувате и ги правите поподложни на други типови проблематично однесување.”

Во ера каде што општеството конечно се учи да прифаќа различности, дали татко што носи фустан е стварно „срамење”? Може па, на Блејкни идејата е важна затоа што му покажал на син му дека скроз е спремен да си ги исполни заканите.

Еден од коментарите на постот е, „речи му дека следниот пат ќе го испратиш во школо така,” на што царот одговара: „Му реков.”

Океј, можда од аспект на детска психологија и не е најсјајниот пример за дисциплинирање.

Ама па, многу е јако.

12 ноември 2018 - 08:06