Како се фаќа дечко после 40?

Во општество каде што сè е одамна испооженето и испоомажено, останавме јас и една другарка. Седнавме на кафе и почнавме да зборуваме за тоа каде денес луѓето на наша возраст (40+) запознаваат партнери.

 

Пишува Данијела Шимрак

Не сме жени од дејтинг-апликации. Една од принцип и недоверба, друга затоа што пробала и зажалила. Местата што ги сакаме не се баш хабови за запознавање врсници, таму би сретнале или „држечи“ пензионери, или клинци.

Заради годините не сме ни склони на радикални компромиси како некогаш. Ова е фаза од животот во која добро знаеш што ти е потребно. Што придонесува кон твојот внатрешен мир, а што сигурно ќе го наруши. Потрошивме брдо пари на терапија за тоа да го решиме.

Зошто воопшто разговараме за ова кога не бараме некого, се прашува другарката. Навистина, тој концепт на барање не ни е познат. Никогаш активно не сме барале, едноставно се случувало. Или не се случувало, па сме живееле соло живот и искрено сме уживале во него.

Ја имаме онаа основна човечка потреба да бидеме емотивно поврзани со некого, повторно да се вљубиме и да сакаме, но не и потребата по секоја цена да не бидеме сами. Можеме сами функционираме и премногу добро. Кога ќе се навикнеш на квалитетна самотија, тешко е да пуштиш некој нов во животот.

Има и жени со мисија, тие на наоѓањето партнер му пристапуваат со развиена стратегија. Сите знаеме барем една таква, делува како воин што нема да запре додека не прогласи победа (и објави веридба на Инстаграм). Тоа ти се жени што знаат што сакаат, дофрла другарка ми, на што се побунив, затоа што и ние знаеме.

Што сè има еден квалитетен маж?

Решивме да направиме свој список на квалитети што ги бараме кај еден маж. Јас сакам да ги запишеме само оние клучните, практични и секојдневни, а таа додава и ниш потреби. Сето тоа го споивме без некој ред, се надополнувавме, една вистинска емоционално-карктерна мешавина.

  • Вработен.
  • Пристoен.
  • Еднакво љубезен кон сите, а не само лажно љубезен кон мене.
  • Екстра љубезен кон луѓето што работат во услужните дејности.
  • Комуникативен, не сакам да разговарам со ѕид.
  • Нема проблем со изразувањето на емоциите.
  • Знае да готви доволно за да преживее.
  • Знае сам да ја вклучи машината за перење.
  • Доверлив.
  • Лојален.
  • Не е посесивен и љубоморен.
  • Подеднакво сака и да излегува и да си седи дома на каучот.
  • Има кутија со алати што знае да ги употреби.
  • Може и без кутија, но нека има мајстор за сè.
  • Сака да патува.
  • Не клечи по плоштади.
  • Може да биде верник, само нека биде нормален верник.
  • Не е ксенофоб, хомофоб, било каков фоб.
  • Екстремистичките убедувања не доаѓаат предвид, независно од политичкиот светоглед.
  • Не ми се потсмева затоа што плачам на серии и филмови, туку ми носи марамчиња.
  • Сака да јаде.
  • Не се плаши од вчерашниот леб.
  • Не му треба секој ден свежо јадење на масата.
  • Не го споредува моето готвење со готвењето на мајка му, освен кога моето е подобро.
  • Верува во рамноправна поделба на домашните обврски.
  • Сака животни, миленичињата се пожелни и добредојдени.
  • Не ги запоставува своето семејство и пријателите.
  • Не мисли дека Ендру Тејт е несфатен гениј.

Отстранив петнаесетина ставки од списокот за да изгледа пореално, но заклучокот и понатаму е ист.

Дали овој список е реален или бараме еднорог?

Колку луѓе сега би ни рекле дека мораме да ги намалиме стандардите и очекувањата? Сепак, сите тие очекувања се резултат на нашите искуства. Направивме доволно погрешни избори за да знаеме каков мора да биде оној вистинскиот и така ја создадовме својата слика за квалитетен маж.

А каде растат таквите?

Се сетив на една дискусија на Reddit за врските во категоријата 40+, во која една жена имаше пишано дека мажот на нејзиниот живот сè уште е во брак.

Не, не беше швалерка, само мудро заклучила дека на наши години мажите главно се зафатени и дека ќе чека нејзиниот, кој и да е тој, да се „ослободи“.

Психолозите потврдуваат дека разведените мажи во позрелите години и тоа како можат да бидат квалитетни партнери. Позрели се, искусиле непоправлив крах на љубовната врска и сега знаат дека врската не опстојува без труд и комуникација, полесно се соочуваат со конфликт и имаат потреба да го решат проблемот, често се повнимателни и поблагодарни.

Не се плашат од обврзување, но исто така не влетуваат лесно во нова љубовна врска без размислување.

Се исплати ли са се чека таков еднорог? Зошто не?

Оставете нè да веруваме во бајки.

8 октомври 2026 - 00:00