„Веројатно имам околу 150 вакви,“ има изјавено во 2015. „Униформа ми е. Ми олеснува затоа што секој ден можеш да облечеш исто и не мораш да размислуваш.“
Изјавите на Холмс ѝ се одбија од глава затоа што се покажа дека приоритет ѝ бил стилот, наместо содржината и проекцијата на некаква слика наместо интегритетот.
Колку и да изгледа тривијално, тој детаљ како да фрли светло на нејзиниот карактер. Според еден поранешен вработен, вкусот за џемпери на Холмс е свесно проектирање на покојниот Стив Џобс кој ретко го гледавме без една од многуте Исеи Мијаки ролки што ги имаше. Неговата репутација често беше врзана со црната ролка, со која проектираше ладен интелект и општо незамарање. Налагаше дека се работи за еден поинаков бизнисмен - визионер што не игра по правилата на една сала за состаноци. Да се облекуваше како Бил Гејтс или Џеф Безос, би го паметеле ли како нешто повеќе од еден несекојдневно остар директор и сопственик на компанија?
Има едно очигледно прашање тука: Како едно основно парче облека стекнало такво битно значење? Одговорот лежи во едноставноста. Привлечноста на ролката се потпира главно на она што таа не е: ја прави класичната комбинација на кошула-кравата нафурана, а обичната маица мрзлива и без форма, вгнездувајќи се во таа фина средина меѓу формалност и неоптеретеност. Доволно е дотерувачка за да се носи под сако, а истовремено доволно кежуал и удобна за да стане секојдневно парче. Се појавува во 19. век како практична облека за поло играчи (затоа и Британците ја викаат polo-neck) и прво ја носеле спортисти, физички работници, морнари и војници. Но, доаѓа 20. век и европските прото-боеми виделе можности во нејзината елегантна функционалност која одлично се совпаднала во нивните модернистички идеали за дизајн.
За популарноста на ролката е одговорен британскиот драматург Ноел Кауард, кој редовно носел ролка во 1920-те. Иако рекол дека ја носи заради удобноста, сепак станала симбол што инстантно налагал одбивање на конвенционалното. Неуморно андрогината Марлен Дитрих, на пример, исто така уживала во ролки и ги спојувала со машки костуми.
Сепак, моментот на вистинската слава на ролката доаѓа по крајот на Втората светска војна, кога пост-окупациската, културна ренесанса на Париз ја направила задолжително парче гардероба за аспиративните егзистенцијалисти ширум светот. Станала асоцијација за гламурозни писатели, уметници, музичари и филмски ѕвезди поврзани со градот: Џулиет Греко, Ив Монтан, Жак Брел и Мајлс Дејвис меѓу нив. Одри Хепберн облекла ролка за „Фани Фејс“ со Фред Астер, а кај Одри - таму и цел Холивуд.
Уште побитно, француските асоцијации со сериозност, шик, нерасположеност - на ролката ѝ заработуваат андерграунд кредибилитет во ’50-те во Америка, па во следните две децении, од Лу Рид и Џоан Дидион до Елдриџ Кливер и Глорија Стајнем - сите почнале тоа да носат. Боб Дилан ретко го гледале без ролка во неговиот „електричен период“ од ’65-’66. Истата деценија, Енди Ворхол ја прави ролката негов карактеристичен изглед, комбинирајќи ја со очила за сонце и бушава перика. Веројатно е тоа најефикасниот мејковер во историјата на уметноста - претходно се шетал во средени оделца и кравати.
Разните модни крикови секако се секогаш подложни на пародија, па со тоа и едно недостоинствено пропаѓање. Во ’70-те несреќно се појавија светли и шарени ролки што ја убија секоја нота на загадочност, па така го имаме Леонардо Дикаприо во „Си беше еднаш во Холивуд“ на пример - а во 1997 со „Утре никогаш нема да умре“, ликот на Џонатан Прајс - медиумски могул има црна ролка во секоја сцена - изгледот алудира на мегаломанија и фатално преценување на сопствените интелектуални способности. Елизабет Холмс изгледа не следела внимателно.
Сепак, ролката секогаш била прекорисна, препрактична, пре-кул за да се фрли во кантата на историјата. Ако не ви е верно, погледнете ги монохроматските фотографии на Велвет Андерграунд или Стив Меквин во Булит, или видете ја Анџела Дејвис околу ’69-та. И ова е листа што веројатно ќе ја надоградуваме бескрајно.