„После Барбенхајмер викендот, доаѓам со следнава статистика,“ почнува една новинарка во ај-ди.вајс, „го гледав Барби, ама не го гледав Опенхајмер. Ова не е ни феминистичка, ни естетска одлука. Барби трае саат и 54 минути, Опенхајмер трае над три часа.“
За време на викендов, и ТикТок и Твитер отворија тема за кога е најдобро време да се отиде во тоалет додека трае „Опенхајмер“ (ако ве интересира, моментот е кога братот на Опенхајмер прв пат ќе се појави на платно), и ова се луѓе што се запознаени со уметноста на знаење кој дел од кинематографско дело може да се пропушти, затоа што во последно време, филмаџиите одбиваат да скратат на неепска должина.
Првиот „Аватар“ беше 2 часа и 42 минути. Деценија подоцна, новиот „Аватар“ е три часа и 12 минути. Оригиналната „Дина“ - два часа, 17 минути. Новата „Дина“? Три часа и 15 минути. И така натаму.
Кога Мартин Скорсезе го пушти „Ајришмен“ во 2019, должината се гледаше како проблем, за разлика од сега, кога се гледа како некаков орден. Така го сфаќаат и многу режисери и продуценти денес - подолгото е покинематографско, поскапо, поуметничко во корен. Во споредба со претходни култни филмови познати по импактот и краткоста, во денешно време методот на монтирање со „сечи сè!“ е свртен наопаку. Постои претпоставка дека должината значи квалитет, како да сакаат да кажат - еве, потрошивме пари - да се пофалиме.
Долги филмови имало отсекогаш - „Лоренс од Арабија“, „Однесено од виорот“, „Клеопатра“ од постарите, а од поновите, „Титаник“ на многумина ќе им текне дека се продаваше во две ВХС касети поради траењето од три часа и 14 минути.
На „Опенхајмер“ кој на Нолан му е најуносен филм, а да не е „Бетмен“, должината излегува дека не му е проблем - луѓето го прифатија со задоволство „Барбенхајмер“ викендот и седеа по цели денови во кино, без да се уморат, импресионирани. И ова можеби ќе го врати расположението за одење во кино, ама не е само тоа - можеби ќе ни го поправи и расипаниот фокус - оној што го навикнавме на видеа од 15 секунди.