Сите песни што ги слушаме низ маркети и молови и по дома околу Божиќ и Нова Година се стари, и тоа многу. Ако решите да им го ловите коренот на оние сингалонг Дизни песни, ќе стигнете многу далеку во минатото. Препејувања има, од тие дамнешни денови до денес, многу популарни пејачи и бендови се обиделе да извадат празнична песна, ама никој - никој не го направил тоа како што го направи Мараја Кери.
Зошто? Има цела филозофија.
Од инструменти бирани специјално за да предизвикаат одредено чувство, до продуцентски иновации на билдање инструмент врз инструмент за да звучи богато, до умешноста на Мараја, до жанровската категорија на песната... Да се избезуми човек колку наука и историја на музика е вложено во една песна што пола свет превртува со очи кога ќе ја чуе, а другата половина потскокнува од среќа.
Како пример: Инструментот што нè тера веднаш да сфатиме што слушаме на почетокот на песната, се вика селеста, а името го добива заради оној кристален звук што потсетува на ангелска музика, на кристали или на некакво детство. Чајковски го употребил во „Оревокршачка”, а многу години подоцна, му се радуваме во „Сам дома” и „Хари Потер”.
Додај на тоа умешност, и сè што наведовме погоре, и ја имаш буквално најуспешната божиќна песна на сите времиња.