Во постојаната и напната дискусија околу тоа колку долго Америка останува под клуч заради корона, еден од најапсурдните моменти дојде пред некоја недела: Каролин Гудман, градоначалничката на Лас Вегас побара веднаш да се отворат казината во нејзиниот град, нудејќи „контролни групи“ кои би требало да тестираат дали мерките за седење дома се навистина ефикасни, што за експертите за јавно здравје е збунувачко бидејќи инсистираат дека од клучна важност за надминувањето на кризата е почитувањето на препораките за социјално дистанцирање. Предизвика осуда и ја нарекоа „невнимателна“ и „брука“, а онлајн ги доби најсуровите критики - идиот, чудовиште и најважното - жива Карен.
Карен не била отсекогаш Карен. Со „Карен“ ѝ се обраќаа на една жена по име Дајен која протестираше во Пенсилванија, држејќи американско знаме и викаше „Што имам да ѝ кажам на вашата наука? Не верувам во вашата наука.“ „Карен“ ја нарекоа и една што инсистираше да добие приватни медицински информации за некој нејзин комшија, и една жена што бараше да знае „кога ова ќе прекине затоа што нема смисла,“ на што доби одговор на Твитер „Значи ти треба менаџерот на корона, уствари.“
Карен е жената со кратка коса што е вечно незадоволна од услугата и главно бара да разговара со повисока инстанца за да ги оствари своите глупи права, и тоа со екстремна самодоверба.
Хедер Сузан Вудс, професорка и истражувачка на мемиња (и тоа има) на државниот универзитет во Канзас вели дека дефиницијата е
„Инсистирање дека нешто ти следува, себичност и желба за жалење“. Една Карен бара светот да постои во рамки на нејзините стандарди, без да мисли на другите и ризикува да ги потцени за да си ја оствари целта.“
Набљудувањето и критикувањето на Карените се случува на неколку платформи, но највидливо е на Редит - платформата има неколку форуми посветени на идентификување на Карени. Најголем сабредит е r/FuckYouKaren, со повеќе од половина милион следачи, а неговиот основач (седумнаесетгодишен) за Атлантик изјавува дека пандемијата само ја зголемила активноста таму.
„Малку е чудно да се гледа како архетипот Карен сега се шири. КОВИД-19 ја прави центар на вниманието.“ На почетокот на пандемијата, најпопуларните Карени беа тие што собираа тоалетна хартија и по пат ги караа вработените во маркети. Сега има нов подвид - тие што протестираат да заврши социјалното дистанцирање затоа што „мораат да идат на шишање.“
Еден ризик од моменталното Карен-меме е дека претерува со тоа колку Американците всушност се противат на мерките за социјално дистанцирање - онлајн дискурсот може сериозно да ја изврти реалноста. Америка не е строго поделена на Карен и неКарен; Карените што вриштат на вести за „повторно отворање на Америка“ се извлечени од мали протести што не ги рефлектираат мислењата на повеќето Американци. Не е лошо од овој аспект и за локалните проблеми да се размисли.
Таков е предизвикот што доаѓа кога едно меме ќе се рашири надвор од оригиналниот контекст - добива нови значења. Некои од нив креативни и корисни, а некои глупи до бесвест. Колку и да треба да трае социјалното дистанцирање, луѓето ќе поминуваат време на платформи што овозможуваат коментирање на однесувањето на другите, а реално, едвај гледаме луѓе овој период. Карен е најлесното меме за ширење затоа што не се потпира на ниеден темплејт. Особено е привлечна за спомнување кога има тензија и секогаш „веднаш морате да ѝ обрнете внимание.“