Како филмовите влијаат на реалните трендови?

„Топ Ган“ е како промотивно видео за пријавување во авијација, а „Брзи и бесни“ предизвикува 20% зголемување во бројот на казни за брзо возење. Луѓето се така лесни за шетање по ќерамиди, тоа е чудо.

Во ноември 1996, Дизни го пушти римејкот на „101 далматинец“ со Глен Клоуз како Круела Де Вил. Следната пролет, Њујорк Тајмс објавува дека шелтерите за животни се преполни со донесени Далматинци, затоа што луѓето ги посвоиле после филмот, па откако виделе дека се захтевни и не обожаваат деца како што филмот покажува, се предомислиле. Истово се случило и кога цртаниот од 1961, бил одново пуштен во 1985 и во 1991.

После „Приказна за играчките 2“, откако во филмот се појавува играчката Еч а Скеч, пораснала продажбата на реалната играчка од компанијата Охајо Арт Компани, која после години во минус, успева да извади профит.

А погодете кој е крив за популарноста на .44 Магнум?

Доволно било Клинт Иствуд како Валканиот Хари само да каже дека пиштолот е „најмоќен на светот“, со бонус од опасниот и бескрајно цитиран монолог, за Магнумот да стане „оружје за секој дом“.

После „В за Вендета“, маските на Гај Фокс прават лом. Фокс е револуционерот што се обидел да го разнесе британскиот парламент во 1605, па лесно го врзуваат со револуција. Пред филмот, маските се носеле само на Ноќта на вештерките или на празникот на Гај Фокс (5-ти ноември).

После „Одмор во Рим“ со Одри Хепберн и Грегори Пек, каде што европска принцеза и американски новинар се среќаваат во Рим и се вљубуваат, веспи се продаваат како луди, само затоа што во една сцена двојката се вози на Веспа. Направена е во 1946 и популарна е долго пред филмот, но филмот ја пробива во светот. После тоа помага и „Талентираниот г-н Рипли“.

Понатаму, ако се прашувате од каде идејата за искинати/исечени дуксери со едно голо рамо, не гледајте подалеку од „Флешденс“.

Џенифер Билс несакајќи го има измислено овој тренд, затоа што си го смалила џемперот во машина за сушење и морала да исече голема дупка за вратот. Го носела на аудицијата за филмот и на продуцентите толку им се допаднал, што решиле да го искористат.

Во 1986, после Топ Ган, регрутери ширум Америка забележуваат зачестено барање информации од потенцијални војници. Американската војска не го одобрила филмот јавно (не смее), но Топ Ган им доаѓа како промотивно видео. Луѓето во ’80-те сакале да прават сѐ што прави Том Круз, па дали се авијаторки или служба, сѐ што прикажува филмот им се чинело јако.

Моделот „Wayfarer“ на Реј-Бан застанува на сечија глава после Risky Business со Том Круз. Постојат од 1952, ама престанале да се произведуваат затоа што не се продавале добро. Во 1983, повторно Том Круз ги носи на филм, па од 18 000 парчиња годишно, продажбата расте на 360 000, за во 1987 да продадат 2 милиони „вејферери“.

И, најглупото на списоков - после секој „Брзи и бесни“ филм, се качува бројот на казни за брзо возење.

Њујорк Тајмс има испитано 200 000 сообраќајни казни во еден момент и открива дека бројот на казни за брзо возење се зголемува за 20% во викендите што следат после три премиери на „Брзи и бесни“.

20 јули 2021 - 11:25