Како Даниел Стил успеа да напише 190 книги досега?

Сто и деведесет, со букви. Има 75 години. Некогаш се случило да извади и 7 книги во годината.

Даниел Стил работи по 20 саати, грицка чоколадо по пат, а најдобро пишува во ноќница од кашмир. Ви текнува на филмон, She-Devil со Розен Бар, кога Мерил Стрип е писателка што пишува со голем шешир во двор и се занесува дека е најјака? Може да е закачка за Стил. Па, сепак, може да ѝ се честита за дисциплината - има и знак пред нејзината канцеларија на кој пишува „Нема чуда, само дисциплина“. Пораката е јасна, ама пак е запрепастувачки колку многу има Стил постигнато во нејзината 50-годишна кариера, како измислено е.

Еве да ги видиме бројките. До 2023, има напишано 190 книги, преведени на 43 јазици. Досега, 22 од нив се адаптирани за телевизија, а две од тие адаптации имаат добиено номинации за Златен глобус. Се случило да пушти и 7 романи годишно, а постојано работи на по 5-6 во исто време. Во 1989 ја имаше во Гинисовата книга на рекорди за имање книга на листата на бестселери на Њујорк Тајмс за најмногу недели една по друга - 381. За да го изведе тоа, некогаш знае да работи и по 22 часа дневно (неколку пати месечно, останува и по 24 часа на биро). Критичарите не се воодушевени, веројатно поради тематиката (она плаче, он је нежно љуби), ама па, изгледа на Стил не ѝ е многу до критичари дојдено.

Работи од канцеларија од дома. Поголемиот дел од времето таа дома е Париз, но понекогаш е дома во Сан Франциско, каде што пишува на стандардна Олимпија машина за чукање од 1946. Во канцеларија влегува во 8.30 наутро и таму можеш да ја најдеш во пижамата од кашмир. Прво јаде тост и пие безкофеинско кафе со мраз (од кофеин се има откажано пред 25 години). После ручек и како што поминува денот, грицка минијатурни темни чоколатца.

„И да врне и да вее, седнувам на маса и работам. Понекогаш ќе завршам книга утрото, а до вечер имам почнато нов проект,“ вели Стил.

Како причина за нејзината креативност ја наведува нејзината безгранична енергија и поривот да тера понатаму во моменти кога е заглавена. „Упорно работам. Колку повеќе се криеш од материјалот, толку полошо станува. Подобро ти е да тераш со глава во ѕид и да завршиш со 30 неупотребливи страници што подоцна можеш да ги средиш, отколку да седиш со ништо,“ советува таа. Продуктивноста се должи и на нејзината натчовечка способност да функционира со малку спиење. Не оди да си легне додека не почне да паѓа. Ако успеа да отспие четири часа, тогаш вели дека имала среќа.

Првата книга ја има напишано на 19 години - и си ветила дека ако се продава, ќе биде задоволна и ќе се посвети на семејство и деца и ќе се откаже од пишување. Еве ја, уште се откажува.

А никогаш не планирала да станува бестселер.

„Никогаш не ми беше дојдено до успех. Имав порив да пишувам приказни што ми доаѓаат и да ги освојувам. Ми доаѓаше однатре, не од касата.“

Не се снаоѓа со идејата за „културата на прегорување“, миленијалската „болест“ - да бидеш комплетно истоштен од работата и светот околу тебе. Ама и Стил знае некогаш да направи пауза, и со Нетфликс и со шопинг.

„Работата отсекогаш ме спасувала на некој начин. Таму бегам. Дури и кога ми се случувале лоши работи во животот, тоа е константа. Нешто стабилно каде што можам да се сокријам,“ вели таа. На прашањето дали некогаш планира да престане да пишува и да дремне малку, брзо одговара - „Кога почнував го имав истиот агент како Агата Кристи. Имав 19, а таа 90. Еднаш ја сретнав и се сеќавам дека рече, сакам да умрам со главата на тастатура. И така ми е и мене. Мислам, сакам засекогаш да продолжам, само пишувајќи.“

21 јуни 2023 - 14:51