Др. Џудит Орлоф во нејзината книга „Водич за преживување за емпати“ објаснува вака:
„Нарцистот се однесува како светот да се врти околу него. Има претерано чувство на важност и занес. Мора да биде центар на внимание и бара постојано фалење. Мораш да му дадеш комплимент за да те одобри.“
Често се убедливи шармери и знаат точно што да кажат за да те изманипулираат и да ти направат хаос со емоциите.
На нарцистот му се дијагностицира нарцисоидно нарушување на личноста врз основа на пропишани критериуми. Треба да исполни барем пет, од кои најочигледни се немање обзир кон туѓите чувства, немање емпатија (или имање многу малку) и експлоатирачко и манипулативно однесување.
Има и разлика меѓу нарцизмот и нарцисоидното нарушување на личноста - човек што покажува нарцистички карактеристики, не мора да значи дека е со дијагноза и не сите нарцисти ги исполнуваат критериумите. Ако исполнуваш два, на пример, може имаш тенденции, но не и нарушување.
Самата дијагноза е релативно ретка.
Постојат различни типови на нарцисти:
Грандиозни - харизматични и шармантни, често успешни и гламурозни луѓе.
Ранливи - се однесуваат како жртви, чудни се во друштво и лесно се нервираат. Ги викаат и скриени нарцисти, а го обвинуваат светот за нивните проблеми.
„Комунални“ - сакаат да покажат колку се доблесни и добри, често објавуваат за алтруистички дела на социјални мрежи и се фалат со хуманитарни напори и спиритуално воздигнување.
Малигни - ова е макијавелистичката страна на нарцисоидната злоупотреба. Многу се манипулативни, те шетаат по ќерамиди и често се убедливи и лажно те насочуваат. Опасни се и треба да им се пристапува внимателно.
Со сите нарцисти мора плански. Прво, поставуваш граници за да се заштитиш и себеси и енергијата што ја имаш. Некои советуваат и да имаш емпатија, само што тоа е меч со две острици, затоа што во однос со нарцист може и да ти се потроши. Ако ти е во фамилија, може треба да се потрудиш, затоа што емпатијата колку-толку го одржува односот.
Односот со нарцист е најдобар кога се одржува на дистанца. Нека биде лајт и држете се понастрана од длабочини. Ако ви дојде премногу, правете паузи. И на крај, грижата за себе нека ви биде приоритет.
Инаку, понекогаш, многу ретко, дијагностициран нарцист може и да се промени, но не е многу веројатно. Фер е да се каже дека на секого може да му се случи развој и промена, но експертите велат дека со човек со нарцисоидно нарушување најверојатно нема да го добиете тоа.