Како да ја преживееш новогодишната забава од работа

Декември е, така што веројатно ви е веќе јасно дека на работа полека се организира новогодишна кафана, или нешто попристојно. Уствари, не. Веројатно веќе знаете и датум и локација.

Ако сте од овие тука, веројатно сте превозбудени, и во тој случај, ви посакуваме сè најубаво и најзабавно, дабогда победиле во „најбоље чочек”. Ако сте од оние што не се воодушевени, има начин да се преживее.

1. Појави се, макар и на кратко

Особено ако „журката” е после работно време или за викенд, а ти сигурно имаш попаметна работа, наместо да гледаш луѓе што ги гледаш секој ден. Сепак е добро да се појавиш, ако тоа можеш да го направиш без да ти биде проблем. Дури и менаџери кои кажуваат дека не е задолжително присуство (како што и треба да биде) често знаат да забележат дека те немало, па ризикуваш да покажеш дека не си баш врзан со колегите или екипата. Да, глупо е тоа, ама во повеќето компании може да биде така.

2. Ако стварно не можеш да стигнеш, батали

Периодов секој ден има по нешто (најчесто завршни сметки, банки, организација на дочеци, разнесување деца по последните воншколски активности пред распуст и слично), па ако ептен не можеш да стигнеш - не е страшно. Никој не очекува да не одиш на пат само заради новогодишната забава од фирма.

Едно ситно, во недостаток на подобар термин - предупредување: ако си на повисока функција или имаш менаџерска позиција, полесно ќе се забележи отсуството - може на некој да му текне дека не ти се дружи со луѓе кои се пониско на корпоративната скала.

Високо на корпоративната скала

3. Ако веќе одиш, пробај да муабетиш со луѓе што не ти се во вообичаениот круг

Лесно е на вакви настани да се дружиш најмногу со тие што најчесто ги дружиш, ама би било фино да се искористи приликата да запознаеш поширок круг на луѓе во компанијата. Следниот пат кога ќе ти треба нешто од друга служба, ќе биде полесно да се разбереш со луѓето од таму, а истовремено е и добра прилика да се запознаеш со луѓе на повисоки позиции, затоа што се отвораат можности за нови опции. Ова се разбира не значи да му се пикаш на проект-менаџерот од другата канцеларија, така припит/а и да му пљукаш во уво додека му препричаваш дешавка од ланската журка. Советот е „дружи се” не „сељачи се до врвот”.

Плус: ако не ти се седи, тогаш биди сигурен дека претпоставените те виделе дека си таму, па извини се и оди. Кога веќе се гњавиш да се појавиш, барем нека се исплати.

4. Не досаѓај за работа

Ова треба да е забавен настан, кај што, божем се опуштате. Да, истовремено е бизнис и нетворкинг настан, особено ако сте голема фирма, ама ако нонстоп зборуваш за тоа што до вчера било проблем со клиент, ја пропушташ поентата на настанот и ги нервираш сите.

5. Од поважните - пази со алкохолот

Ај да не бидеш „Снеже од архива што се онесвести у веце лани”, може? Може. Супер е да се опуштиш и да испиеш некоја пијачка, ама претерување не може да донесе ништо добро, затоа што професионалниот живот треба да остане стриктно професионален, а се надвор од тоа, прелиено со алкохол може да доведе до непријатности во работно време после празниците.

6. Заблагодари се на организаторот

Без разлика дали сте во клуб, во кафана или во украсени канцеларии, со тргнати маси и диџеј - некој тоа се потрудил да го организира. И тој некој најчесто го забораваат, и не само што го забораваат, туку знаат и да му негодуваат („е, кај ви текна у четврток”), да му мрчат („е кај ја најде кафанава”) и да му наоѓаат мани („па, можеше хранава боље да биде”). Грациозно би било да му се заблагодариш на организаторот (макар и само да дигнал телефон да резервира), и тоа не само што значи дека си супер колега/колешка, туку и те претставува како воспитана и фина особа со која што утре може да се соработува и разговара на едно поинакво ниво. Што е до тебе, си направил сè што може да се направи во граници на воспитан и фин вработен.

Во секој случај, со среќа.

Со оглед на тоа какви евенти се препричаваат секоја година - со среќа.

10 декември 2018 - 15:48