Иако премиерата е одложена, сезоната продолжува со продукција и ова ќе ѝ биде прва голема улога на Каја, чие претходно вакво искуство е само Sister Cities.
Не се знае уште каква ќе биде улогата, ама се знае дека покрај неа, „нова“ фаца е Меколи Калкин, кој возбудено прифатил откако дознал дека неговиот лик ќе има „луд, еротски секс“ со редовната Кети Бејтс.
(За тие што не прочитавте убаво, Сам дома требало да има еротска сцена со Мизери)
Ако решивте баш заради тоа да ја чекате со нетрпение десетта сезона, да ви кажеме со време: од здравствени причини, Кети Бејтс мораше да се откаже од серијата, па на Калкин ќе мора да му се оствари желбата со Френсис Конрој.
Сара Полсон исто така се враќа, сосе Еван Питерс (кој ќе го игра Џефри Дамер во друг Нетфликс проект на Марфи), а се враќаат и Били Лурд, Лесли Гросман, Лили Рејб, Адина Портер, Денис О’Хер, Фин Витрок и Анџелика Рос (од Поуз).
За што ќе биде?
Рајан Марфи вели дека ќе има поинаков пристап овој пат. Претходните сезони се вртеа околу место (Роанок, Хотел), заедница (Ковен, Култ), настан (Апокалипса). Оваа сезона ќе раскажувала две приказни: „една покрај море и една покрај песок“, можеби поради критиките дека во последно време сезоните од половина натаму губат енергија. Работниот наслов е Пилгрим (аџија) и се претпоставува дека ќе направат језив твист на доселениците тргнати во потрага по „новиот свет“ на Мејфлауер, во 1620.