Неделна доза ентериер:

Кај Кендал Џенер дома

Убава куќа, плус оддава впечаток дека ја нема пипнато сама, туку само има влезено дизајнер на ентериер и има решено сѐ. И потребна ни е куќава, некако.

Кога ќе почне да мрда и да зборува (наспроти сликите и репутацијата на целото нејзино семејство) звучи сосема пријатно.

Малку е неочекувано на толкава куќерина (9 милиони долари и година дена реновирање) да има толку мал - бар (шанк де, со сто тони пијачки во него), ама ете.

Исто така, треба посебна посветеност кон едно камено лавабо, за да мора цел ѕид зад него да се реструктурира, да го издржи - тежи 140 кила, и како што вика Џенер, веројатно никогаш нема да мрдне од таму.

Забележете го и трендот на божем престарени, излитени перници, тапациран мебел и теписи. Голема работа е тоа сега во светот на ентериерите.

Едно од попријатните изненадувања во куќава е просторијата која првата година додека живеела во куќата била кино, а сега е - ателје. Заради справување со стрес Кендал слика, и сама и со друштво, собата (полна со природно светло) ја има претворено во детално опремено ателје што те тера сега и ти да сакаш детално да си опремиш ателје. И вика, „не ме бива, ама уживам и ми доаѓа како терапија“, што значи, убаво ви рековме дека девојчето фино и нормално звучи.

Кујната е врв - од оние што те тераат да седиш таму со луѓе и да готвиш цело време.

И така, сега сакате таму да живеете, тоа е, жал ни е, и ние исто.

30 јули 2020 - 12:44