Исповед на мајка што не може да ја поднесе Тејлор Свифт

Пишува Ема Сингер за PureWow.

Имам деветгодишна ќерка што себеси се нарекува Свифти. Има маица од турнејата Eras и плоча и би дала екстремитет(и) само да присуствува на концерт. Ме испрашува за роденденот на Тејлор Свифт - постојано ѝ кажувам дека не знам и не ми е многу гајле - и ги знае имињата на родителите на Тејлор... И сите нејзини мачки. Се трудам да не ѝ мрчам, но нешто околу нејзината опесија многу ми пречи.

Да објаснам.

И јас бев на пред-тинејџерска возраст еднаш и знам како е да си опседнат со пејач што „како за тебе да пее“. Кога бев помала, не бев многу по поп-музика, па ќе признаам дека Тејлор Свифт не ми е по ќеиф. Спајс Грлс тогаш станаа популарни, ама јас носев даркерски алки, позајмував ЦД-ња од Смешинг Пампкинс од сестра ми и се пронаоѓав во бунтот на Били Корган. Особено се сеќавам дека им се лутев на цело друштво кога ме викаа Бејби Спајс заради името Ема. И додека мојот вкус еволуираше со текот на годините и надмина гранџ и емо, тој „бесен“ тинејџер сѐ уште се крие некаде во мене. Затоа имам предрасуда.

А, сепак, вистинскиот проблем со денешните пред-тинејџери и Тејлор Свифт не ми се врти многу околу музиката, или човекот зад неа. Поголем проблем ми е тоа обожавање како идол, како култ на личност што опкружува една поп-ѕвезда што никој од нас, вклучувајќи ги и нашите деца не ја познава.

Можам да ви ги изрецитирам сите текстови на Смешинг Пампкинс од сеќавање, но не можам и никогаш нема да можам да ви го кажам роденденот на Били Корган, или дали имал мачки. Не би ни била разочарана, ниту длабоко повредена ако некој во мојот живот не ги погоди овие работи на испрашување (да, ќерка ми тоа многу лично го сфаќа). Никогаш не го хвалоспевав Били Корган за неговите политички гледишта или социјален импакт - нешта што ми беа премногу комплексни кога бев на „едноцифрена“ возраст. На сличен начин овие работи (феминизам, Me Too, на пример) се прекомплексни за ќерка ми да ги разбере во контекст на обожавање поп-икона... Барем додека не завршам работа јас како што треба, да ја научам да размислува критички.

А потоа, доаѓа проблемот на наводната морална доблест. Тејлор Свифт ја фалат како шампион на жените и можно е да е таква. Сепак, има две страни на секоја приказна, а има и докази дека ги користи нејзините следачи за одмазда. Продуцентот Скутер Браун и неговите жена и деца беа сите жртви на малтретирање, смртни закани и следење, откако му пропадна договорот со г-ца Свифт. Еден новинар исто така јадеше малтетирање и трауми (којзнае, може јас сум следна).

Дали мислам дека Тејлор Свифт треба да одговара за непримерното однесување на некој од нејзината база на фанови? Апсолутно не. Дали мислам дека има морална обврска да се огради од неделата на нејзините фанови? Да. Работата е што, Тејлор Свифт е многу повеќе од поп ѕвезда, таа е феномен. И енергијата што ја опкружува е многу поинтензивна од тоа што може да се види кај други популарни изведувачи. Разбирам дека поголемиот дел „Свифтис“ не се бесни манијаци; само се млади луѓе што реагираат на музика што навистина допира до нив, што им помогнала кога им било тешко и тоа е прекрасно. Музиката може да залечи рани и да помести планини.

И покрај тоа, се нервирам од помислата дека ќерка ми става било каков уметник на пиедесал кога не знае какви се вредностите на таа личност или како реално живее. Тејлор Свифт е гласна прогресивка што на мали далечини патува со приватен авион. А, Пикасо е еден од највлијателните уметници на 20-от век, ама тешко дека можеме да кажеме дека е некаков пример за било што друго освен за неговата вештина.На крај: Не велам дека Тејлор Свифт е лажна. Не велам ни дека е идеален пример. Само велам дека не ја знам лично, ниту ја знаат нејзините мали фанови што лесно се уверуваат во што и да е. Мојот предлог? Да ги охрабруваме ќерките да уживаат во музиката, сосе Тејлор Свифт, како начин на зацелување, сила или лична експресија... Но, можеби без лижење на чизмата на жената што ја создала. Сепак, таа е уметник, не е инфлуенсер. А, сметам дека многу малку луѓе ја заслужуваат титулата инфлуенсер.

15 јануари 2025 - 11:16