Иако интервјуата ги сметаме за проценка на кандидатот, самиот процес нуди бесценета можност да се процени и самата компанија. Наместо преокупираност да го воодушевиш тој што те интервјуира, вистинско препознавање на својата вредност значи и посветување внимание на тоа како таа фирма функционира и еден од барометрите е на што личи интервјуто.
Особено внимавајте на следното:
1. Не ти го почитува времето
Пречесто се случува менаџерот да го држи кандидатот на холд на Зум, или пред канцеларија и покрај тоа што времето за почеток на интервјуто одамна почнало, или пак го држи во разговор подолго од предвиденото време. Наместо рефлексно да се отфрли тоа како проблем, внимавајте како личноста од другата страна се однесува со вашето време. Некогаш е оправдано, ама буквално ништо не кошта да се извини ако те задржал. Плус, ставот е важен - ако не се замара премногу, тогаш треба да се загрижиш - твоето време не им е битно.
2. Бараат бескрајни циклуси интервјуа и бесплатни консултации
Во вакви случаи имаат проблем со процесот на носење одлуки. Уште поголем проблем е кога ваквите компании ги користат интервјуата за да добијат бесплатни консултации. Нормално е да се праша „како ќе се справиш со...“ ама не е фер на пример да помогнеш во брејнсторминг на идеи за некој нов проект што го спремаат. Уште па, ако ти дадат да сработиш нешто „за домашно“ и за „подобро да те проценат за работното место“ - бегај.
3. Нема транспарентност, особено за плата
Овде сите знаат да се прават најјаки и често останува тоа само на зборови - најочигледниот пример е платата. Ако темата плови низ воздухот како розев слон, а тебе ти прават незгодно воопшто да прашаш? Или прашуваш и вртат од околу и менуваат тема? Бегај.
4. Мрзливо разговарање и однесување
Овде може да се насети атмосферата што компанијата ја создава за своите вработени, иако однесувањето може да се должи исклучиво на индивидуата што интервјуира. Дури и да е пријатен разговорот, ама нема никаков ентузијазам кога се разговара за целите, иницијативите и приоритетите на компанијата, ред е да се запрашаш зошто би можело тоа да е така.
И на крај, ништо не може да го замени директното прашање за култура на работното место. Секако дека тој што интервјуира ќе зборува во суперлативи, па не е лошо да отвораме очи за red flags и да запаметиме дека интервјуто за кариерата е она што е медениот месец за бракот.