Ако не ви се ставаат филери и импланти во јаболчници, ама ви е интересно да се сликате со Инстаграм филтри што дигитално ви ги ставаат, Инстаграм вика: „е нема веќе.”
Од компанијата што ја држи алатката за филтри за лице на Инстаграм, Спарк АР, објавија дека планираат да ги извадат и да ги забранат филтрите што на корисникот му даваат изглед како по пластична операција - за да спречат ширење на телесна дисморфија на платформата.
„Сакаме ефектите на Спарк АР да бидат позитивно искуство и одново ги разгледуваме нашите политики,” велат од компанијата во изјава на Фејсбук, пред да кажат и дека ќе ги отстранат сите ефекти поврзани со пластични операции, ќе го одложат одобрувањето на нови и ќе отстранат и други што не се на иста бранова должина со ова размислување.
Иако забавни, мрачната страна на овие филтри е следната: едно истражување од 2018-та година покажува дека „изложеност на идеализирани Инстаграм-слики (атрактивни луѓе од иста категорија како вас, или славни личности) има лошо влијание на боди имиџот.”
Од Спарк не кажуваат кога ќе дојде комплетното отстранување, но со оглед на тоа колку многу луѓе побараа операции за да личат на себе ама со филтер, најверојатно ќе биде многу брзо.