Има нешто што се вика „трикини“ и ќе ве изнервира

Трикини - бикини со маска што му одговара.

Никој не го побара, ама еве го, го има. По свет, пандемијата ги мава луѓето на креативност, па начекуваме исцртани, извезени и на секакви начини персонализирани маски - сега, бидејќи доаѓа лето, а во лето се оди на одмор (ако отворат граници) и се носат купачи (ако те соберат), им текнало дека и маската треба да ти одговара.

Италијанскиот бренд Елексија Бичвер прв пат го смислува ова минатиот месец. Дизајнерката Тицијана Скарамуцо прво ја објавила идејата како шега, според Њујорк Пост, што не значи дека сега не ја бомбардираат со нарачки.

Во Италија мерките почнаа да ги олабавуваат - се отвораат ресторани, плажи и продавници, меѓу кои и на Скарамуцо и во пост на Фејсбук, објавуваат и правила за влегување.

Цените на бикините се движат од 50 до 60 евра, а маските се додатни 10 евра. Хафингтон Пост вика „Па, ако веќе сме неисончани на чудни места, барем може да изгледа добро и да сме безбедни во исто време.“

Е сега, дали ќе биде на плажа или на тераса… Ќе дознаеме веројатно наскоро.

3 јуни 2020 - 00:01