И жените почесто бираат секс наместо љубов

Едно време, мажите беа тие што се спомнуваа во контекст на фобија од сериозна врска, или неспособност за промени. Ама, 2017-та сме.

Премногу заслуги им се припишуваат на мажите околу водењето слободен, авантуристички живот и околу стравот од врзување, кој Мартин Вучиќ своевремено го опеа. После еден текст на Космополитен на тема „16 знаци дека се гледате со обврскофоб”, на Твитер, покрај регуларните „сите мажи се исти” имаше и реакции од жени кои лично себеси се препознале во оваа фобија, наместо вечно да се чувствуваат обесправени од различните афинитети на мажите кои ги запознаваат.

Според babe.net ги правиме мажите многу пофраери отколку што реално се.

Да видиме зошто

Во последно време (многу е можно тоа да важи и за вашето опкружување), жените се тие што се презафатени со работа или планирање, и не им се губи време на „скрасување”, со што би пропуштиле шанса да постигнат нешто исклучително. Повремено се имаат симпатии, но тоа и онака не може да се избегне, а и самото по себе е симпатично.

Овде не се работи за тоа дали можеш истовремено да биде жената успешна и во врска. Стравот се базира на идејата дека кога ќе влезеш во сериозна врска, многу брзо потоа се одлучуваш на заеднички живот, кој подоцна води до заеднички деца, и одеднаш се будиш со многу повеќе обврски отколку во првобитниот план – само да имаш партнер.

Тука се насетува и тој општествен проблем кој упорно ги спречува луѓето да размислат дека не секоја акција предизвикува една иста реакција, во случајов – не секоја врска мора да заврши со брак, но барем за нашето општество тоа е сè уште преголем залак.

Дали сепак ја грешиме дефиницијата?

Една 23-годишна девојка, која за потребите на оваа статија се вика Меган, објаснува дека идејата за „други можности” ја одвраќа од врзување. „Понекогаш имам можност да влезам во врска и ми текнува на целата слобода што би ја жртвувала поради тоа. Плус, што ако има некој подобар понатаму?”

Приказнава слична на „Златокосата и трите мечки” а и други сингл приказни моментално ги живеат околу 57 милиони жени во Америка, а муабетот за „распуштеница” и „стара мома” одамна не е во употреба. Но, проблемот најверојатно лежи во ставот околу тоа што значи една врска. Се разбира дека 100 пати ќе размислиш ако тој поим ти значи ограничување, неслобода и ускратени задоволства.

Од друга страна, зошто да се нарекува фобија кога сè повеќе жени свесно и среќно се одлучуваат за ваков начин на живот? Жените (барем на запад) ги отфрлаат сите стеги на општеството и без размислување го разоткриваат својот слободен дух, меѓу другото впуштајќи се во врски за една вечер и избегнување етикети – и ова веќе не е луксуз само за мажите.

Како се снаоѓаме локално по тоа прашање? Па, кога последен пат се воздржавте да судите за некоја што има над 30, супер работи и има нов дечко секој викенд?

Не се воздржавте.

9 октомври 2017 - 15:31