И Мерилин Менсон е откажан

И порано има зборувано актерката Еван Рејчел Вуд за наводна злоупотреба од неименуван бивши, но вчера додаде и име.

„Името на мојот злоставувач е Брајан Ворнер, пред светот познат како Мерилин Менсон. Почна да ме лови кога бев тинејџерка и ужасно ме злоупотребуваше со години. Мозокот ми беше испран и бев манипулирана до потчинетост. Но, завршив со живеење во страв од одмазда, клевета или уцени. Дојдов да го разоткријам овој опасен човек и да им се обратам на многуте индустрии што го помагаа, пред да уништи нови животи. Стојам рамо до рамо со сите жртви што немаат намера да молчат.“

Во знак на солидарност, уште најмалку четири жени објавија сопствени обвнувања против Менсон, раскажувајќи страшни искуства како сексуален напад, психолошка тортура и/или разни форми на принудување, насилство и заплашување. Менсон одрекува и сѐ уште не дава коментари за јавност.

Вуд која сега има 33 години и игра во „Вестворлд“, вели дека го запознала кога имала 18 години, а тој 36. Во 2018, сведочела пред суд како дел од обидот да се донесе закон за заштита на жртви од сексуален напад во сите 50 држави.

„Искуството со домашно насилство ми е следното: токсична ментална, физичка и сексуална злоупотреба, која почна бавно, но ескалираше со време; вклучувајќи и закани по мојот живот, гаслајтинг и перење мозок; будење додека човекот што тврди дека ме сака - ме силува мислејќи дека сум онесвестена.“

Тогаш уште го немала посочено Менсон.

Според Холивуд Репортер, во мај, 2018, неколку месеци откако почна #МеТоо, била поднесена пријава против Менсон, со наведени сексуални злосторства што наводно се случиле во 2011 и овој случај бил затворен затоа што немало докази. Во тоа време, адвокатот на Менсон за Холивуд Репортер има изјавено дека „г-н Ворнер категорично ги отфрла тие наводи, бидејќи или се работи за комплетна заблуда, или обид за публицитет.“

Другите изјави се од жени кои тврдат дека сѐ уште страдаат од пост-трауматски стрес и депресија, се плашат да излезат во јавност и да му влезат во радар, се будат навечер и страдаат од опсесивно-компулсивно нарушување.

Во едно интервју од 2019, Вуд има кажано,

„Порано мислев дека да си силна значи да не ти влијае нештото. А сега сметам дека силата лежи во тоа да дозволиш да ти влијае, но да можеш да го надминеш и да ја видиш болката и да ја премостиш. Можеш да се скршиш, а сепак да си силна.“

2 февруари 2021 - 01:59