„И едноставно така...“ несреќно ја реши темата за абортус

Минатата недела дознавме дека документаристката Лиса Тод Вексли е бремена - непланирана и нeпријатна вест за неа, бидејќи после три пораснати деца требаше конечно да ѝ блесне кариерата. Сега во најновата (претпоследна) епизода, видовме дека е многу поочајна отколку што се мислеше.

Лиса се буди во сред ноќ и го кара сопругот што не направил васектомија после третото дете. Нешто порано, на Шарлот ѝ се жали „Како ќе правам документарна серија со десет епизоди со новороденче? Ни едно, ни друго нема да ми успее. Кога ќе дојде бебето, дури и да имам помош, премногу ќе ми биде. Мислев дека конечно дојде моето време.“

И плаче.

Јасно е дека не е воодушевена од идејата за четврто дете, а се радуваше на шансата да се врати на работата што ја сака. Но темата абортус - и самиот збор абортус - едвај се спомнува.

„Треба ли да зборуваме за другото?“ ќе праша срамежливо маж ѝ, па ѝ вели, „Твоја одлука е, како е најдобро за тебе, така и јас сакам.“ На тоа, таа му вели, „Фала ти што го кажа тоа, размислував, ама не можам. Мислам, многу сум благодарна што ја имам таа опција, ама само треба да се навикнам на новава реалност. Ќе се навикнам.“

Луѓето коментираат дека дури и епизодата од оригиналната серија, „Сексот и градот“ со наслов Coulda, Woulda, Shoulda што излезе во 2001 (значи пред 22 години), е попрогресивна од оваа трапавост.

Во овој филмски универзум, ова не е првата непланирана бременост. Во оригиналот, Миранда веднаш зборува за непланираната бременост и одлуката да абортира. Го срочува тоа восхитувачки едноставно: „Нема да го родам... Не ми е таков планот сега.“ Саманта веднаш споделува дека имала веќе два абортуси, а Кери, малку повоздржано, им кажува дека имала абортус кога имала дваесет и кусур. Оди со Миранда во клиниката, но Миранда се предомислува и подоцна го раѓа Брејди.

На фановите не им избега новиот, чуден пристап кон несаканата бременост, и фактот што доаѓа како уназадување во споредба со отворените разговори што Кери, Миранда и Саманта ги имаа пред две децении. Лиса и Херберт алудираат на можноста за абортус, но не го ни кажуваат зборот на глас. Пред камера ја нема ни како размислува за опцијата. И ова можеби е реалност во нечии животи - апсолутно е можно да се подржува правото на абортус, а ти да не сакаш. Сепак, малку е за кревање веѓи што серијата ја прикажа Лиса како длабоко вознемирена и свесна дека не ја сака бременоста, без да понудат размислување за абортус.

Стеф Херолд, истражувач на медиумското претставување на абортусот, при универзитетот Калифорнија, во Сан Франциско вели вака:

„Лудо е што епизода од 2001 е попрогресивна од епизода од 2023. Зборот абортус се спомнува во првите пет минути од епизодата на старата серија, а неделава едвај го спомнуваат и тоа со еуфемизми, затоа што ‘Лиса не сака ни да размисли‘ - само за епизодата да заврши со еден практичен спонтан абортус. Каков ретро, ‘90-ти заплет е ова.“

Не дека во оригиналот абортусот беше совршено дискутиран - Ејдан во еден момент се бунеше дека мажите имаат право да бидат татковци, или да кажат што мислат за одлуката. Но, тоа што главните ликови така јасно и лесно ги споделија нивните искуства беше многу прогресивно и важно. Со последнава епизода од ИЕТ, фактот што отфрлањето и тивките, срамежливи еуфемизми го заменија отворениот и искрен разговор - во време кога тв-презентација на продуктивни разговори за телесна автономија би била исклучително моќна - е едноставно разочарувачки.

23 август 2023 - 14:22