И џиновите можат да паднат

Модната куќа „Роберто Кавали” ги затвора продавниците по Америка во обид да се справи со финансии.

Во моментов се обидуваат да склучат договор со банки за да избегнат банкрот. Неколку часа по овие обиди, ги затворија продавниците, недела дена откако ги напушти креативниот директор Пол Сариџ.

Во петокот, од брендот потврдија дека ќе поднесат план до италијанските судови кој би овозможил да продолжат со работа додека не најдат нови инвеститори или сопственици. Инаку, нивниот стил - разголен, анимал принтови и шарено, не проаѓа така лесно кај јавноста, па автоматски им паѓа продажба и се борат со сè позаситената модна индустрија, доминирана од големите конгломерати.

Без разлика на обидите за спас, вработените од осумте продавници и четирите аутлети во Америка, од кои некои се на скапи локации како Родео Драјв во Беверли Хилс, беа испратени дома, а неколку менаџери дадоа оставки.

Во Фиренца каде што се главните канцеларии, најавен е штрајк на работниците.

Сариџ инаку беше ангажиран во еден ризичен обид да се направи пресврт во модната куќа, заедно со другите напори што вклучуваа преполовување на бројот на вработените и затворање на повеќе локации. Сепак, дизајнот на Сариџ наиде на млак прием кај критичарите и фановите на брендот, па долго најавуваната моќна иднина на Кавали не успеа да дојде.

Лесно беше додека беа само неколку - сега излегуваат опасни брендови од секој ќош на светот. Версаче го продадоа (прилично паметно), останува да видиме дали модниот свет ќе остане без име што беше едно од најбитните до пред неколку години.

1 април 2019 - 16:01