И да реновираш по дома и да се дотераш

Фискарс е бренд што произведува алати за градинарство, готвење, рачна изработка, шиење, реновирање по дома и школски прибор и има награди добиено за нив. Сега се меша и во мода, и излезе дека ова е сосема добредојдено.

Најстарата компанија во Финска влегува во светот на високата мода со линија на облека и додатоци во соработка со една финска дизајнерка, Марија Коркила. А каква ревија правиш ако си производител на облека и алат? Со искористување на двете гранки, се разбира. Манекени ги прошетаа новите модели, замислени, со префрлена лопата преку рамо, со градинарски ножици во рака и такви слични финти.

Облеката има издржливи и адаптибилни детали, има 11 парчиња и главната цел била функционалност - на пример ташна за на струк што истовремено може да биде и појас за чување алат, а јакната (на која ѝ се вадат ракавите и качулката) наводно е отпорна на бодење, со тоа што не мораме да ја тестираме, баш. Ги изработувале со почит кон природата и според нив, сите материјали се органски и рециклирани, ама неочекувано ли е тоа за една фирма што потекнува од Финска? Не.

Естетиката ја опишуваат како „работна униформа накај улична мода” и вметнати се детали во чест на нордиската историја. Стиловите се унисекс, со неутрална зелена, портокалова и минималистички силуети.

Во секој случај, што и да се работи по дома, нема зошто да не се изгледа добро, дури и да немаш поима што правиш. Битно си дотеран и штрафцигерот и јакната ти се комплет. Занимливо.

22 јануари 2020 - 12:49