H&M пак мора да се извинува

Тешко тебе ако си голема фирма во свет полн „ранливи” категории, каде што ранливите категории не се тоа што кажува дефиницијата, туку луѓе што случајни настани и изјави ги доживуваат како некој да им брцнал во газ.

Не помина ни месец дена од „најслаткото мајмунче во џунглата”, а H&M повторно не може глава да дигне од бесни мејлови и тагови на социјални мрежи. Овој пат се принудени да повлечат цела линија чорапи со Лего-човече што буши улица.

Се прашувате каде е проблемот?

Па кога ќе ја свртиш чорапата наопаку, човечето личи на зборот „Алах”, напишан на арапски.

И одма иде изјава:

„Во H&M, целта ни е да понудиме производи кои веруваме дека нашите муштерии ќе ги ценат,” кажува еден портпарол, на тема повлекување на чорапите од продажба. „Сликата на чорапата претставува Лего фигура, а секое друго значење е сосема случајно и се извинуваме ако овој мотив навредил некого.”

После сликата со детето и дуксерот, која предизвика лудило од твитови од јавни личности, кои ја нарекоа „навредлива”, „неодговорна” и „расистичка”, плус и The Weeknd ја прекина соработката, H&M вработи diversity leader. Тоа би му дошло како човек одговорен да бидат застапени сите луѓе еднакво, без да се направат грешки кои во некое друго време никој не би ги ни забележал. И се надеваат дека со овој чекор јавноста ќе ја забележи нивната желба за „разноликост и инклузивност” и дека ќе избегнат вакви хаотични ситуации во иднина.

Само што, никогаш не знаеш кога, со што, и која група ќе ја навредиш. Може е поарно да си носиме црни и бели џемпери, маици и фармерки, без апликации, за да не се заплака некој на улица кога ќе нè види?

31 јануари 2018 - 11:21