Хеланките влегуваат во музеј

Има два типа на луѓе – такви што признаваат дека им е најјако у хеланки и лажговци. Два типа на жени де, добро. И за тие што ќе речат „време беше!” и за тие што ќе речат „глупости!” има една симпатична вест: хеланките стануваат иконично парче облека со место во Музејот на современата уметност во Њујорк.

Во изложба со наслов „Парчиња: Дали модата е современа?” во њујоршкиот музеј, хеланката е и официјално - едно од најдефинирачките парчиња на нашето време.

Изложбата го истражува силното влијание кое го имаат одредени парчиња облека низ дваесеттиот и дваесет и првиот век. А инспирацијата доаѓа од Лулулемон, чии што хеланки станаа култни од моментот на основањето на брендот во 1998-ма.

Други ствари што ќе се најдат на изложбата се Левис 501, бисерно ланче и сари.

„Голема чест ни е што нашите (Буги Пентс) хеланки ќе бидат вклучени со други многу влијателни брендови како дел од изложбата, тоа е признание кое ја одразува нашата работа како оригинален бренд кој го дефинира активниот и внимателен животен стил,” изјавува Ли Холман, креативен директор во Лулулемон. Хеланките си ги сметаат за „така почна сè” момент.

Подемот на иконичните хеланки на Лулулемон се случи во '90-тите и го поплочи патот за хеланките кои станаа составен дел од гардеробата на многу жени, без разлика дали ги носат на кафе со чизми, или по дома со крокс и чорапи. И се разбира, за вежбање.

Сме ги виделе и на модни писти, кај Баленсијага, Долче и Габана и Версаче, дури и во колекциите пролет/лето 2017-та.

Е па, да живеат хеланките, дечки.

20 октомври 2017 - 16:35