Хали Бери е најновата жртва на ова бизарно време

Културната полиција повторно патролира - Оскаровката Хали Бери се повлече од иден филм, каде што размислуваше да прифати да игра трансродов лик.

Значи, само размислувала - не за џабе оваа бучна група на луѓе ја викаат уште и „полиција на мисли“. Ја нападнаа инстантно што изразила интерес, а многумина на социјалните мрежи расправаа дека улогата треба да ја добие трансродова личност. Ја обвинија и за погрешно ословување на ликот, затоа што за фиктивниот транс-маж ги искористила заменките „неа“ и „таа“. Во нејзиното преплашено извинување, Бери им се извини на сите кои ја критикуваа и им се заблагодари за нивните „совети“:

„За време на викендот, имав можност да дискутирам за идна улога како трансродов маж и би сакала да се извинам за тоа. Како цисродова жена, сега разбирам дека не требаше да размислувам за оваа улога и дека трансродовата заедница треба да ја има таа можност да ги раскаже сопствените приказни.

Благодарна сум за советите и критичката конверзација изминативе неколку дена и ќе продолжам да слушам, да се едуцирам и да учам од оваа грешка. Се заветувам дека сум сојузник со тоа што ќе го користам гласот да промовирам подобро претставување на платно, и пред и зад камерата.“

Ако сме реални, целата основа на актерството зависи од преправањето на луѓето дека се нешто што не се, но веќе долго време е под закана од политики на идентитет.

Претходно, ја принудија Скарлет Јохансон да се откаже од слична улога во филмот Rub and Tug. Џек Вајтхол го караа дека бил стрејт, а играл геј лик во Jungle Cruise, а Руби Роуз дека била геј, „но не доволно геј“ во Batwoman. Дури и Зои Салдана не им беше „доволно црна“ за Нина Симон.

Уметноста на ставањето себеси во друга кожа со намера да забавуваш и да создаваш уметност, ако се правеше како што треба, досега бараше емпатија и чувствителност. Очигледно, сега не смееш ни (да помислиш) да пробаш, затоа што е премногу навредливо.

Патем, Rub and Tug, каде што требаше да глуми Скарлет, ама не смееше, па се откажа, за да отстапи место на трансродов глумец или глумица?

Уште не е снимен.

8 јули 2020 - 00:50