
Прво, која е Фрили д Банана Грл?
Австралиска јутјуберка и блогерка, со 425,000 следачи на нејзините два Инстаграм профили и скоро 785,000 на Јутјуб каналот. Има 37 години, родена е во Квинсленд, Австралија и во моментов живее во јужноамериканска џунгла со партнерот. На површина исплива кога промовираше неверојатна диета со 51 банана на ден (ПЕЕСЕТ И ЕДНА) и после стана нудистички и вегански блогер со чести обвинувања дека ги мафта следачите и воопшто не живее така осиромашено од гревовите на модерниот свет (хинт: мобилен во џунгла).
Како ги нервира луѓето?
На пример, сака да сподели дека јаде само сирови овошја и зеленчуци, пие вода од потоци и се бања на монсунски дождови. Руча два ананаси, вечера 3ипол кила компири, такви работи. Понекогаш јаде и трет оброк, исто така од сирови плодови. Наводно јаде по 20 банани одеднаш, а некогаш изела и 51 (повторно, ПЕЕСЕТ И ЕДНА БАНАНА).
Највеќе почнува да нервира кога во февруари 2018-та, одлучува да ја напушти „бетонската џунгла” и да се префрли во вистинската џунгла, во колиба. Таму се чувствува „послободна од кога и да е.”
„Повеќето денови ги поминувам гола; ослободена од рестриктивна облека,” пишува таа на Фејсбук. „Јадам органско овошје и зеленчук. Се туширам на монсунски дождови и пијам од чисти потоци. Напуштив нездрава врска и најдов мир. Се немам избричено, исфарбано и нашминкано шест месеци.”
Глупости.
Во последните неколку недели, следачите со право почнуваат да се сомневаат во овие тврдења, па одат до таму да ја обвинат дека тајно живее во голема куќа и по нејзе шета фотограф што ја слика во необавезни пози. Плус, дека е лажна, со самиот факт што користи мобилен и лаптоп.
На тоа, таа вели:
„Еден во коментар вели дека лажам и живеам во куќа и имам фотограф. Не баш, душо. Реалноста е дека живеам под шатор, во шупа со месеци, низ монсунски дождови и силни ветрови,” отекува таа пак со монсуните.
Додава и дека користи смартфон без прием, лаптоп и сателитски интернет. „Потребни алатки за комуникација и приход. Тоа значи дека можам со вас да споделам нешто што мислам дека е моќна и итна порака. Во оваа фаза не можам телепатски да ви ја испратам таа порака.” И ги потсетува сите дека животот на моменти и е „навистина тежок.”
Ние имаме едно прашање. Ако не користи методи за отстранување влакна, кај се тогаш? Или од ПЕЕСЕТ И ЕДНА БАНАНА веќе не растат влакна?