Гласот на Ариел добива закани по живот

И кога ќе дознаете зошто, ќе ви се смачи. „Малата сирена” излезе во 1989-та, а таа година е многу поинаква од 2019-та.

Во 2018-та се појавија остри критики за песната Kiss the Girl (нели, кога Ариел и Ерик седат во чамец, а животинките им пеат да се бацат), и тоа затоа што текстот бил неприкладен во однос на информираната согласност меѓу двајца возрасни. Во превод, алудираат на тоа дека Ариел нема глас и не може вербално да дозволи да биде бакната од човекот за кого го изгуби гласот и очигледно немаше да ѝ пречи бакнеж. Истата година, Кира Најтли и Минди Кејлинг го караа Дизни дека ја пропагира идејата дека да се откажеш од гласот за еден маж е разумна одлука.

Да пукне човек во што се претвори светот.

Актерката што го позајмува гласот за малата сирена, Џоди Бенсон во моментов слави 30-годишнина од премиерата на филмот и одговара на прашања за критиките и оставштината на „Малата сирена”.

„Претходната принцеза ми беше ‘Заспаната убавица’, а од таму до Ариел има многу голем скок - упорноста, мотивацијата, решеноста, силата на Ариел, нејзината тврдоглавост - имаше една острина кај нејзе,” вели таа. „Но 1989-та не е 2019-та. Мораш да ја гледаш декадата, или било кој временски период во однос на тоа каде се наоѓаш. Кога зборуваме за Me Too, кое е неверојатно движење и апсолутно го поддржувам, поинаку е ако се вратиме во ’89-та. Не велам дека е добро или лошо, само е поинаку.”

Поинаку во однос на тоа што сега, после #МеТоо, Бенсон добива и закани по живот затоа што оди по конвенции и го промовира филмот за сирената што се откажа од гласот за да си фати дечко.

Значи, да го расклопиме проблемот.

Актерка што го позајмува гласот.

За нацртана сирена.

Која се откажува од некоја своја моќ.

Затоа што е заљубена во принц.

И најдобри пријатели ѝ се риба и ракче.

Добива закани по живот за тоа.

Во однос на славните личности кои денес не им дозволуваат на нивните деца да го гледаат „Малата сирена”, вели дека тотално им го почитува тоа, но ѝ личи на настанот кога една баптистичка конвенција го бојкотираше Дизни.

Конзервативни христијански групи почнаа бојкот на Дизни во 1990-ти, заради тоа што „вклучува анти-семејни пораки”. Ги нервираше „фалусот” на постерот за „Малата сирена”, за кој што Дизни изјави дека е ненамерен и озлогласената сцена каде што свештеникот е очигледно возбуден (за која аниматорот вели дека не се познава никаква возбуда под мантијата, туку колено). Бојкотот заврши во 2005-та.

Бенсон вели,

„Не мораш да го гледаш филмот, ама немој да ми објаснуваш зошто не смеам да работам каде што работам, затоа што мене ми е многу добро таму. Некои од мајките одлучуваат дека не сакаат децата да им гледаат ‘Малата сирена’, затоа што не сакаат ќерките да им трчаат по маж, ама мораат да размислат: што друго гледаат? Соодветни програми? Вулгарен речник? Дали гледаат проблематични работи што можеби 4-5 годишни не смеат да ги гледаат? Што е полошо? Да гледаш ЦСИ со децата, или ‘Малата сирена’?”

Главно, сето ова нема смисла, како за Бенсон, така за нас. За крај вели дека секој родител има право да одлучи што е најдобро за неговото дете. „Јас сосема се согласувам со сè што се случува во моментов, верувајте ми. Но, многу ме напаѓаат. И кога ќе се случи тоа, им велам, ‘во ред е, не се секирајте. Не морате да го гледате филмот. ОК е.”

Ова важи за сè што ви оди на нерви.

Не го гледајте, не го слушајте, не го читајте. Не морате. ОК е.

18 февруари 2019 - 02:08