„Ѓаволот носи Прада“ е мало маче за шефицата на Вог Бразил

Секој ден, по некој доскорешен вработен од Вог Бразил се жали од Даниела Фалсао, поранешната уредничка, која од 2016 е менаџер-директор на заедничката фирма на Конде Наст и бразилскиот медиумски гигант Групо Глобо.

Во Бразил ја споредуваат со Ана Винтур, а од 2013 ја вбројуваат меѓу 500-те највлијателни луѓе во светот на сајтот Бизнис оф Фешн.

Позната е по неуморната работна етика, бескрупулозниот перфекционизам и микроменаџерски стил; одговорна е за предизвикот да се претстави Глобо Конде Наст во вистинско светло и повеќе од еден вработен ја споредува со, веројатно ви е јасно - Мерил Стрип во „Ѓаволот носи Прада.“

На прашања од новинари во моментов не одговара, но претходно има признаено дека е свесна што мислат за неа.

„Имам репутација на жена што менаџира со помош на страв,“ ќе каже во едно Јутјуб интервју во 2013, „Сите големи уредници, а јас доаѓам од новинарски свет, знаат да кажат, заврши го тоа веднаш!, и уште илјада други работи што не стигаат до печат.“

Ова не е баш така, ако е за верување една од вработените што од нејзе наводно добила „Што си облекла?“

Друга добива, „Не можеш да носиш ролка, види колкави гради имаш.“

Или, „Имаш намера да се нашминкаш? Кај си тргнала со тоа лице?“

Во просториите на компанијата, луѓето често се шегувале дека тоалетите не се наменети за физиолошките потреби на вработените, туку дека се соби за плачење каде што „бомбардирани“ вработени се повлекувале после рунда малтретирање.

Една бивша вработена што сега работи како визуелен уметник вели,

„Понижувањето беше константно. Цело време по некој излегуваше од тоалетот со отечено лице од плачење. И јас често го правев тоа. Многу плачев.“

Понекогаш ги терале да работат 24 часа без престан и морале работата да ја носат дома, за што не добивале компензација. Една продуцентка толку многу се плашела дека ќе ја караат, што на пауза за ручек одела да прими терапија за рак, наместо да каже дека е болна.

Вработените живееле во постојан страв и се плашеле да комуницираат со претпоставените, но и тие што се одважувале да се спротистават не добивале многу. Јавно им викале дека се „ко мали деца“, а кога ќе се пожалеле во човечки ресурси им давале да решаваат тест со серија прашања. На тој начин се креирала атмосфера каде што не вреди да поднесеш формална жалба, а притоа владеел страв од одмазда на претпоставените.

А ако мислевте дека да дојдете конечно до степен да сликате насловна за Глобо Конде Наст значи дека сте успеале во животот - до некаде е така, со тоа што - пари нема да има. Наводно, се подразбирало дека треба да работиш бесплатно, заради важноста на „учествување во таа игра“.

На истава тема и:

Ќе го преживее ли Ана Винтур движењето за социјална правда?

Ќе добиеме ли #МеТоо за гадни шефови?

Опасниот мит за шефицата

30 август 2020 - 21:52