Француски брз воз обезбеди вагон „без деца“ и веднаш има навредени

Францускиот брз воз TGV INOUI реши да понуди премиум услуга со вагон каде што ќе има мир и тишина и нема да бидат дозволени деца и јавноста веднаш се побуни дека не е фер. Од компанијата објаснија дека спорниот вагон е само 8% од капацитетот - зошто не си седите во останатите 92%?

Официјално, од 8 јануари, националниот железнички оператор SNCF нуди Optimum класа на повеќе релации кон и од Париз, со „флексибилни билети“ и посветена услуга за клиентите. Новиот вагон е наменет за „приватност и тишина“, со ограничен број на патници. Билетот за патување од Париз до Лион во традиционалната прва класа изнесува €132, додека цената за Optimum Plus - верзија на Optimum без деца, со личен домаќин и оброци - достигнува €180.

Има една категорија на луѓе што многу има мерак да не ти е животот раат исто како ним што не им е. И ако ти сакаш да си платиш поскапа карта и да седиш во воз во тишина, да работиш, да медитираш, или просто да спиеш - ситуација која што деца во најголем број од случаите ја прават невозможна (чест на воспитани исклучоци) - истите овие луѓе од оваа категорија ќе се побунат дека не е фер „за најмалите и најмилите“.

А не е дека им е забрането да влезат во возот. Само нема да ги пуштат во тивкиот дел. Оваа услуга е крајното ниво, пред неа има друг премиум, кој што нуди комфор и се најдобро што може да се добие во воз - плус, да можат да се возат деца.

Ама не. Да можеле да се возат и кај што е сè исто, само треба тишина.

Почнаа да доаѓаат критики од француски официјални лица и граѓани, кои ја оценија политиката како дискриминаторска. Сара Ел Хаири, висока комесарка во Министерството за здравство, социјална работи и труд, на Инстаграм напиша дека SNCF „не смее да попушти под притисокот на #NoKids“.

Стефани д’Есклеб, претприемач и креатор на подкастот Les Adultes de Demain (Возрасните на иднината) оцени дека забраната за деца претставува директна дискриминација, иако призна дека е разбирлива потребата од тивка средина за работа во возот. Таа повика на размислување за подобро планирање на простори за деца и семејства.

Некои предупредуваат дека во време кога Франција е загрижена за намалениот број на раѓања, ваквата иницијатива испраќа лош сигнал, посочувајќи дека минатата година во земјата имало повеќе смртни случаи отколку новороденчиња - првпат од Втората светска војна.

Од SNCF реагираа преку видео и изјави дека Оптимум класата е „отворена за сите над 12 години“ и дека ваквите седишта сочинуваат само 8% од вкупниот простор во возовите во работните денови, додека 92% остануваат достапни за сите патници. Компанијата исто така напомена дека TGV возовите имаат специјални простори за семејства и можност за резервација во детските простори за време на викенди и празници.

И ова не е ни прв, а најверојатно ни последен пат. Вака се бунеа и кога се отворија хотели само за возрасни, со најсмешна закана - бојкот.

26 јануари 2026 - 00:00