Еван Рејчел Вуд го има обвинето и Коби Брајант

Во саботата, Ванеса Брајант ја нападна Еван Рејчел Вуд поради изјавата на актерката дека Коби „бил силувач“.

Еван Рејчел Вуд која можеби ја знаете од „Westworld“, а деновиве и затоа што го обвини поранешниот партнер Мерилин Менсон за злоупотреба и малтретирање, уште лани го имаше нападнато Брајант во твит:

„Не сум кажала ништо за Коби досега затоа што сметав дека треба да помине време. Но, да, време е да излезе вистината. Човекот беше силувач. Тоа е тоа.“

Дури сега на таа тема се огласи Ванеса Брајант:

„Твојот лажен, бесчувствителен, клеветнички твит од 26 јануари 2020 е најблаго кажано вознемирувачки,“ објави Ванеса на Инстаграм стори. „Ваквото однесување е дел од причината што невини црнци одат во затвор за злодела што не ги извршиле. Обвинувањето не те прави виновен. НЕ ГИ ЗНАЕШ ФАКТИТЕ.“

Во јули 2003, Коби беше пријавен за силување на вработена во хотел во Колорадо. Беше обвинет за сексуален напад и НБА сезоната 2003-2004 ја помина патувајќи меѓу Калифорнија и Колорадо за сослушувања. На крај, наводната оштетена страна реши да не сведочи, па обвиненијата беа отфрлени.

Мерилин Менсон во меѓувреме објави дека „обвинувањата против него се ужасно извртување на реалноста“, а кратко откако „го откажаа“, се произнесе и поранешната сопруга Дита фон Тиз дека нејзиното искуство не се совпаѓа со изјавите на оштетените.

2 март 2021 - 00:00