Пандемија, карантин, работа од дома и слично се главни фактори за оформување на економијата, а со тоа и различни индустрии, меѓу кои и модната, а модата моментално е пижами, тренерки, нешто од трико и друго сродно, па полека се оформува една иднина што не покажува индикации за повторување со некоја мината декада. А бидејќи светот полека се опаметува, на тренерка-модата што следи, додајте и еколошка освестеност и одржливост и имате комбинација што веројатно ќе победи. Сакаме ли да победи? Нели, не постои поудобно и пофино за облекување од широко и памук, ама - веројатно нема да се шетаме по некакви тренеркишта низ град?
„Генерацијата З бара намена, пред сѐ,“ вели Д-р Аманда Паркс, директор за иновации во ПАНАГАЈА, колектив за одржлива мода што нуди опуштена гардероба создадена од био-инженеринг материјали. „Близок им е колективот како концепт и верувааст во неговата моќ и сакаат да си го адаптираат животниот стил за да помогнат и на луѓето и на планетата.“
Освен што во продажба ќе пуштаат облека од 100% органски памук, природни бои, создадена преку систем кој користи рециклирана вода, можат да се пофалат и со цајтгајтовски мултитаскинг елемент - собираат пари за расна правда и помош за КОВИД-19.
И самиот бизнис модел им е поинаков - ги штитат природните ресурси, со „тим од научници, дизајнери, мислители и креатори со секакви животни приказни и патеки“, а за да бидат сигурни дека ќе користат најсовремена технологија, поврзуваат дипломци од МИТ, Харвард и Стенфорд со дизајнери од водечки дизајнерски школи. Со сѐ ова, комплетно се на иста бранова должина со зумерите - или Генерација З.
Според Паркс, уште откако климатската криза стигна до точка од која нема враќање во 2015, „сѐ повеќе луѓе се освестуваат за итноста на ситуацијата и одлучуваат да се посветат на промена на однесувањето и купувачките навики.“ Пандемијата само ги забрзува тие промени и обврски и како што свесните потрошувачи продолжуваат да бараат начини паметно да ги потрошат парите, бизнисите кои се еколошки освестени се тие што ќе се оддржат на пазарот.
Многу луѓе ќе се вратат во своите канцеларии некаде во 2021, но „алиштата за по дома“ изгледа немаат намера да си одат. Тоа не значи дека Версаче ќе почне да прави хеланчиња, ама останува фактот дека луѓето ќе ги запамтат оние брендови кои не само што им излегле во пресрет за потребите, туку такви што мислат на удобноста (и тука влегува и планетата) на генерациите што допрва следат.