А сега, забавна вежба: Замислете политичарКА што може да си дозволи да биде таква мивка. Жена што влегува на сослушување со искинати хулахопки или кармин на заби. Многу е тешко да се замисли, нели?
Професионалниот и приватниот живот на Борис Џонсон е хаос како и неговиот изглед. Има неколку вонбрачни деца, како производи на неколку афери; отпуштен е од новинарската позиција заради лажење, кажал еден куп расистички коментари за лидери на странски држави. Во јуни му викнаа полиција во домот каде што живее со девојка му, кога комшиите чуле вознемирувачки звуци. И нели, се разбира, го имаме срањето наречено Брегзит, како што ќе се изрази изреволтираната Бриџет Рид во The Cut, што тој така весело го предводеше.
А сепак, Џонсон некако успеа да го протне ова глупирање како псевдо-популистичко. Успеа и да се протне себеси и неговата партија како слика за обичниот Англичанец. Неговите кловновски тенденции станаа пресметани, или „значки на кредибилитет во улога на мостови меѓу класните разлики.” Не му е него косата несредена; непослушна му е (а гласини се шират и дека намерно ја прави таква).
На жените едноставно не им е дозволена таа слобода. Политичарка со исмевање би ја избркале од Парламентот ако ги покаже истите квалитети како Џонсон. Облеката и изгледот се сметаат за дел од царството на личното и квази-домаќинското, а жените се предмет на фрустрирачки тесни естетски граници, наспроти нивните машки колеги (има ли посилен доказ за ова од случајот на Трамп?). Стандардот за изгледот и однесувањето на жените е многу повисок за воопшто да влезат во конкуренција во политичката арена, а не па да можат да прават некои будалаштини штом ќе влезат таму. Хилари Клинтон буквално мораше да го усвои женскиот костум како симбол на нејзината претседателска кампања.
Дури и популистички настроени жени, псевдо или не, не можат да си дозволат да бидат стратешки недотерани. Претходничката на Џонсон, Меј, ја исмеваа за недостатокот на елеганција, но никогаш не ѝ стрчеше ни влакно. Елизабет Ворен има практична фризура и академски очила избрани со вкус. Мариен Вилијамсон која изгледа како да треба да носи кафтани и да шета боса, носи дизајнерски костуми. Александрија Окасио-Кортез е секогаш беспрекорно прибрана, дури и кога била шанкерка пред изборите. Или пак е премногу средена во дизајнерски капут. Очекувањата се дека политичарките ќе изгледаат како што сакаме да изгледаат, а ако не е така, тогаш не е намерно.
По грешка било.
Ако најновите водачи на Америка и Велика Британија се некаков индикатор, да бидеш цреп е новиот симбол на моќ. А ако нациите не можат да изберат ни средена, достоинствена жена, кога ли ќе можат да изберат некоја што е за никаде?