Џуди Денч: „Имам ирационален страв од досада!”

Интервју со Џуди Денч за The Talks - за староста, љубовта и колку е важно да имаш со кој да се смееш.

Г-ѓо Денч, после толку години на филм, ви се здосадило ли некогаш актерството?

Не се мафтам премногу со досада затоа што имам ирационален страв од неа. Досадно ми е само кога сум сама.

Зошто така?

Затоа што немам што да правам! А сега ми слабее и видот; не можам да читам, не можам да возам - а обожавам да возам! Возев старо МГ без да полагам до 50 години. Sвер бев за возење. Веќе не можам, тоа е многу досадно. Но човек се учи да се адаптира. Нема ништо интересно во стареењето, ужасно е. Всушност, можеби и ќе се враќам наназад. Пред некој ден, некој ме сликаше за една апликација што погодува колку години имаш. Рече дека сум 20 години помлада отколку што сум! Одеднаш, денот стана фантастичен!

Па, секако изгледате за 60-годишна.

Шеесет? Тоа е подобро и од апликацијата! Таму пишуваше 63! Тоа многу ме расположи. Но нема воопшто што да се каже за стареењето.

Дури ни за научените лекции и духовните истражувања што доаѓаат со возраста?

Секогаш се обидуваме да го постигнеме тоа. Секогаш се обидуваме да да ги најдеме нештата во кои другите луѓе веруваат и она што ги движи. Јас добивам различни идеи секој ден за тоа што ми останало да направам и да истражам во животот.

Како скокање со падобран?

Падобран? Не. Апсолутно не. Но има многу други работи кои би ги пробала. Порано сликав многу, но поради очите престанав. А Дејвид, мојот партнер ми рече, „Зошто престана? Тоа е интерпретативна уметност.” Па почнав пак да сликам затоа што не е важно; и онака не го правам тоа за никого.

Сè додека не ги покажувате сликите на никого, има големи шанси да не морате ни да зборувате за тоа.

Точно, нема да правам изложба. Тоа се трга на страна или се дава како подарок. Мајкл, мојот покоен сопруг никогаш не сликаше затоа што некој му имаше кажано „Никогаш нема да бидеш добар сликар.” Тоа е ужасен коментар! Како можеш некому да кажеш „Ти никогаш нема да…” Како се осмелуваат?

Дали некој некогаш ви рекол дека никогаш нема да бидете актерка?

Не, но еднаш ми рекоа дека никогаш нема да снимам филм. Тоа не ми беше страшно затоа што не ни сакав да снимам филмови. Сакав само театар. Шекспир ми беше пасија. И тоа го работев, па не беше важно. А сум сакала да бидам и писателка, но се плашев дека нема да ме бива доволно. Но, што значи да те бива доволно? Кој одлучува? И зошто да мора некој да прочита? Врзани сме со овие чудни структури што мораат да се растурат. И мислам дека ако имаш став, здраво е да се прави тоа. Мислам дека е здраво да се истражува таа природна љубопитност.

За што друго сте љубопитна деновиве?

Многу работи! Толку многу работи има што не ги знам и морам да прашам за да ги дознаам. Сакам да учам нешто ново секој ден и се обидувам да го правам тоа. На пример, денес научив збор: анатидаефобија. Тоа е природен страв од нешто - никогаш не би ви текнало - ирационален страв од тоа да те зјапа пајка. Не го заборавај!

Нема, ветувам.

Тоа ти е ново за денес. Како што кажав, имам ирационален страв од досада. Затоа сега имам тетоважа „Carpe Diem”. По тоа треба да живееме!

Што ве натера да го зграпчувате секој ден?

Па, научив што е љубов кога се омажив. Беше совршено, но потоа тој доби рак во 2001-ва. Никогаш не очекував дека ќе се појави некој друг во мојот живот откако умре… Имав многу, многу добри пријатели, но ми беше неочекувано да имам некој нов кој ќе ме сака како мојот нов партнер, Дејвид. Некој со кој ќе можам да споделувам… Мислам дека имам многу среќа, навистина. А многу е важно да можеш да се смееш со некого! Смеењето е најважна работа.

За што се смеете?

За сè. Се смееме за сè.

Дури и за вашиот проблем со очите?

О, да. Смешно ми е што не можам да гледам. Пред две недели требаше да го славиме роденденот на внук му на Дејвид. Тој има 14 години. Требаше да се најдеме во еден ресторан и јас влегов, дојдов до едни луѓе и реков „Среќен 14-ти роденден!” Тогаш ми кажаа, „Мамо, овде седи некој пар!” И се скинавме од смеење.

Во вакви ситуации, можеби тоа е сè што може да се направи.

Да. Мораш! Целото мое семејство е вакво! Сите имаме широка смисла за хумор. Можам да пронајдам нешто смешно во било што. Се смеам многу за политиката - но не до толку во моментов.

Дали и актерството ви помогна да го пронајдете хуморот во животот?

Па, мислам дека од сè што правиш, можеш да извлечеш нешто. Да извлечеш разбирање. Да научиш. Да имаш однос со друга личност на снимање или со режисерот и тоа да не е само земање искуство, туку споделување гледишта и идеи и да си речеш „Не ми текнало тоа досега.” Таков поттик е здрав и возбудлив. Мислам дека никогаш не би требало да знаеме сè.

26 февруари 2018 - 08:30