Џордан: Да се биде живо уметничко дело

За Џордан - или Памела Рук - Џон Севиџ во својата панк историја има кажано дека „изгледала толку фрапантно, што секогаш кога ќе излезела низ врата се ставала на ризик“.

ПВЦ, мрежи, гума, XXXXL фризури, трегери, кежуал голотија - не е ни чудо што станала симбол на движењето. Севиџ оди дотаму да ја нарече и првиот Секс Пистол, а Адам Ант тврди дека го измислила панк-рокот.

Новата генерација ќе ја отрие нејзината субверзивност со новата серија на Дени Бојл со наслов „Пистол“, што ќе ја раскажува приказната за бендот и ликовите околу него, меѓу кои и Џордан. Има работено во продавницата „Секс“ на Вивиен Вествуд и Малколм Мекларен, а ќе ја глуми Мејзи Вилијамс. Има слики од Вилијамс од снимањето и облечена е во мрежите и трегерите, а на очи има молив што се гледа од авион.

Шокот кај Џордан лежи што вака се облекувала и за најдосадни ситуации. Во школо така ги шокирала наставниците, а правела перформанс и уметничко дело од обично одење на работа со јавен превоз.

Пред да ја приберат Вествуд и Мекларен, работела во Хародс. Кога почнала да работи во „Секс“, имала 19 години, златни штикли, мрежаста сукња и градник, без ништо над него. Станала најозлогласена продавачка во историјата, младиот Бој Џорџ бил фасциниран од нејзе, а Мекларен ја прифатил нејзината визуелна анархија и ја прибрал да настапува со Секс Пистолс и ја фотографирал Енди Ворхол.

Нејзиното поместување граници опфаќало и користење на имиџ кој нашироко се сметал за одбивен. Имала маица со свастика на ракавот што одбила да ја соблече за едно ТВ-појавување со Секс Пистолс во 1976, но за Дејзд во 2016-та, таа вели, „Јас отсекогаш сум го гледала тоа како десентизирање на свастиката како амблем. Треба да се запамети дека на другиот ракав беше Карл Маркс.“

Во 2019, за Дејли Мејл:

„Не се работеше за храброст или егзибиционизам. Не ми беше гајле што мислат луѓето, сакав да бидам живо уметничко дело.“

Ова одбивање за конформирање со конвенционалните правила за женскиот изглед, би можело да значи дека Џордан била далеку порадикална од било кој маж панкер - затоа што женскиот изглед бил (и сѐ уште е) многу повеќе под лупа.

„Мажите беа збунети,“ вели Џордан за Гардијан. „Свиркаа, довикуваа секакви работи, дури и пари ми нудеа од што не разбираа зошто изгледам така.“

Денес животот и е како на многумина што биле чиста анархија во ‘70-те. Работи кај ветеринар, има одгледувачница за расни мачки и колекцијата панк-парчиња ја има продадено во 2015.

6 април 2021 - 13:40