Џенифер Анистон никако да се откачи од Рејчел

Анистон се појави во еден куп филмови од различни жанрови и играше различни ликови после Рејчел, и себеси успеала да си докаже дека не е „само Рејчел“. Дали и светот почнува да ја гледа со поинакви очи? Еве, тргнете од себе.

Кога ќе ја видите Џенифер Анистон на филм, викате „Рејчел“, или „Џенифер Анистон“? Нѐ има и вакви и такви, само што, Анистон, после долги години макотрпна работа, сепак смета дека „ја мавнала Рејчел од грб“, што не може да се каже на пример за Бренда (одма знаете која).

На еден дигитален муабет меѓу повеќе актерки организиран од Холивуд Репортер, Џенифер Анистон се отвара за моментот „Еј, ене ја Рејчел од Френдс“, што толку ја нервирало во еден момент што сакала да им каже „Аман, исклучете го тоа серииште веќе“, па во драма-комедијата „Добрата девојка“ се појавува чисто за да си докаже дека може.

Притоа, се сеќава и дека сомнежите ѝ биле големи и се прашувала дали „сепак не ја бива за друго и секогаш ќе си остане девојката во њујоршкиот стан со виолетови ѕидови.“

Сега веќе гледаме дека не.

Инаку, во разговорот учествуваат и Рис Видерспун, Зендаја, Џанел Моне, Хелена Бонам Картер и Роуз Бирн и е сосема интересен за слушање со кафе.

Реакцијата на Анистон е после 15-та минута.

19 август 2020 - 00:00