Две страни на едно раскинување

Во оваа нивна рубрика, Cut разговара со двајца поранешни партнери, на тема зошто се споиле и зошто се одвоиле. Овде имаме Лиз, 42 и Мајкл, 45 - раскинати после неколку години врска, откако Лиз сакала да преземе конкретни чекори кон основање семејство. Додека да сфати тој дека сака да се смират, станува предоцна.

Во секој случај, интересно е да се набљудува од страна. Без разлика што може ќе добиете таков впечаток, приказната не се врти околу „ако му е“, туку околу зрелоста до која се доаѓа после first-world премрежија.

Приказната:

Лиз: Мајкл ми беше прв вистински дечко. Бев апсолвент на Универзитетот во Њујорк, а тој веќе беше дипломиран и работеше во градот како консултант. Се запознавме во еден бар, во близина на школото. Моето друштво стоеше до неговото и почнавме разговор. Ми беше многу привлечен и ми се допадна неговиот глас, длабок и зарипнат, како на кантри пејач.

Мајкл: Лиз беше најубава од сите нејзини другарки, па се фокусирав на нејзе. Потоа, ми кажа дека летата ги поминувала во Италија и зборува течен италијански, па уште повеќе се истакна меѓу другите. Ми се чинеше дека тоа ја прави егзотична. До крајот на вечертва, веќе имавме разменето броеви и следната вечер ѝ се јавив да излеземе.

Лиз: Мислам дека јас му се јавив да го поканам. Порано бев таква, опасна и директна. Многу го посакував и само до тоа ми беше во прво време. Сакав да се начукаме, да се муваме и да го носам дома… И така и беше. И после почнавме да излегуваме цело време. Беше многу лесно и природно напредна во сериозна врска. Не се сеќавам дека сме имале проблеми првите неколку месеци.

Мајкл: Она што малку ме исплаши беше колку всушност беше традиционална во поглед на деца и брак. Јас не бев сигурен дали сакам деца и брак, а на вториот состанок, таа ми рече, „Ќе се ожениш за мене.“ Тоа малку ме повлече. Се исплашив дека ќе ме улови и ќе ме зароби ако не внимавам.

Лиз: Почнавме да живееме заедно после две години. Уште имавме многу секс и бевме генерално среќен пар. Но јас бев подготвена за нови чекори. Не ми беше гајле што имав 20-и-кусур, тоа ми личеше како одлично време за брак. Зошто да се чека? Па, почнав да му се качувам на глава. Прво на шега, па после на начин што и двајцата нѐ нервираше и нѐ вознемируваше.

Мајкл: Откако почнавме да живееме заедно, бев многу задушен. Сѐ почна да се движи надолу. Тогаш почна да не ми се прибира дома навечер. Останував на работа подолго отколку што требаше затоа што не ми се одеше дома да ја слушам (барем така тогаш ми се чинеше). Мислев дека сум премногу млад за да имам девојка што се однесува како напорна сопруга.

Лиз: Мајка ми ме однесе да замрзнам јајце-клетки кога наполнив 24. Не дека мислеше дека стареам за деца, но знаеше дека ми е важно да ги имам еден ден и мислевме дека тоа е паметен чекор. Дојдов дома од консултацијата со лекарот и на Мајкл му кажав дека ќе замрзнувам јајце-клетки и тој ми раскина на лице место. Целиот разговор му дојде премногу. Јас си реков, „Ова е страшно. Човеков не може ни муабет да направи за деца, и тоа за 10 години од сега.“ Беше огромна и ужасна расправија. Не зборувавме цела недела… иако мислев дека ќе се вратиме во колосек.

Мајкл: После сагата со замрзнувањето, доста ми беше. Упорно се закануваше дека ќе ме напушти, сакавме различни работи и јазот стануваше сѐ поголем со тек на време. Реков дека не сум сигурен дали сакам деца. Таа мислеше дека може да ме промени. Го мразев тоа чувство на терање со сила. И таа вечер, го извадив фластерот, реков „Готово. Завршивме.“ Ми олесна што конечно заврши. Само морав да најдам нов стан за кратко време. На тоа се фокусирав.

Лиз: Но, има луд пресврт! Запознав некого пет дена откако се отсели Мајкл. Неверојатен човек. Го запознав на една забава на која ме довлечка една другарка да ме расположи. И го преболев Мајкл многу, многу брзо. Ненормално. Мислев дека ќе тагувам со месеци, ако не и години. И мислам дека тоа што толку брзо продолжив понатаму разбуди нешто во Мајкл.

Мајкл: Откако се отселив, комплетно ме откачи. А многу ми недостасуваше. Не ми се јавуваше. Кога зборував со неа, беше отсутна, емотивно отсутна. Сериозно се предомислив. Одеднаш сакав да ѝ овозможам сѐ што сака. Но, беше предоцна. Во рок од две недели, си ги уништив сите шанси повторно да бидам со нејзе.

Лиз: Тркалото се сврте. Нели е секогаш така?

Мајкл: Се обидов да ја освојам на неколку различни начини. Најчесто обидувајќи се да ја видам, да ѝ кажам дека згрешив, дека не требаше да бидам толку незрел за нашата иднина. Но, таа беше презафатена со новиов, и отидоа во Италија заедно… и одеднаш беше сосема готово. Никогаш нема да ја добијам.

Лиз: На крај, се омажив за „новиот“. Отидовме во Италија и решивме да останеме таму една година. Тој е архитект и го обожава Рим, а јас почнував блог за патување, па беше сценарио од соништата и за двајцата. Речиси никогаш повторно не помислив на Мајкл на романтичен начин.

Мајкл: Ја следам на Фејсбук. Ставам лајкови на сликите од нејзините деца. Драго ми е за нејзе. Дали мислам дека ќе беше неверојатна сопруга и мајка на моите деца? Да. Дали се каам? Многу време помина, којзнае, не е дека седам дома и плачам. Сега сум верен и многу среќен за мојата иднина. Сѐ уште се предомислувам понекогаш и не сум сигурен дека сакам деца. Таа знае дека е вака, и таа слично размислува. Знае и дека тоа беше голем проблем со мене и Лиз. Но, со нејзе не чувствувам притисок за деца. Може ќе се случи, може нема. Така ми е удобно во моментов. Што значи, најверојатно со Лиз на крај немаше да ни успее. Но, тоа ми помогна да пораснам.

Лиз: На ерата со Мајкл гледам скоро секогаш со среќни спомени. Раскинувањето беше тешко, и веројатно и после тоа ќе беше, но судбината се вмеша и го запознав мојот сопруг, па бев поштедена од болка. Животот е доволно тежок за да му додадеш и плачење за некој маж.

21 февруари 2020 - 00:00