Доста викате дека Арја не заслужи да го направи тоа што го направи

Насловот е ваков килав од обзир за луѓето што уште не стигнале да пуштат ГоТ и после пет дена. Празници, сончеви денови, може и не сте се затвориле уште во темница за да ја изгледате трета епизода, имаме разбирање. Тоа не значи дека не следат СПОЈЛЕРИ.

Еве ви една сликичка. После сликичката, ако прочитате спојлер, никој не ви е крив. Дури и пет дена покасно.

А сега, ние што пропативме, да направиме муабет.

Во продолжение, аргументите на Кери Витмер за Харперс Базар, околу тоа зошто треба да престанете да негодувате и зошто Арја Старк беше единствен лик што може да го убие Night King.

Значи, како што видовме, Арја Старк го спаси цел свет во последнава, трета епизода од осма сезона на Игра на тронови. Го порази Night King и практично ја заврши Битката за Винтерфел и ја обезбеди иднината на целото човештво.

На некои фанови ова им доаѓа како гром од ведро небо. Има и такви што „ја тоа боље ќе го напраев, ама ај,” ама ако размислите, ваквата судбина на Арја се кова многу долго време. Токму смртта го води секој чекор на Арја Старк во текот на серијата, од службата во House of Black and White, до многубројните убиства - и „затворање на кафени, зелени, а сега и сини очи”, како што ќе и каже Мелисандра во „Долгата ноќ”.

Е сега, некои луѓе се незадоволни - воопшто не им се свиѓа како завршила Битката за Винтерфел, а Арја ја сметаат за идеализиран женски лик без недостатоци. Актерката Мејзи Вилијамс што ја глуми Арја, дури и знаела дека фановите ќе се бунат. „Веднаш помислив дека сите ќе се нервираат, дека Арја не заслужува,” вели Вилијамс за Ентертејнмент Викли.

„Најтешко во една серија е кога ќе го развиеш негативецот до степен да не може да се порази, па да го поразиш. Мора паметно да се изведе затоа што инаку луѓето ќе речат, ‘Па, и не е некој негативец ако го прободе едно девојче.’”

Дури и дечко ѝ мислел дека Џон Сноу требало да го убие Night King, што значи дека Мејзи Вилијамс треба сериозно да се запраша дали вреди да се инвестира во таков токсичен однос и да му раскине.
-Забелешка на Off Café уредник

Понатаму, приказната на Џон Сноу отсекогаш се вртеше околу неизбежната војна против Night King, што не значи дека мораше баш тој да го порази. Улогата на Џон во спојување на непријатели во војна - од обединување дивјаци, до преземање на Винтерфел од Ремзи Болтон - секако им помогна на живите да ги победат мртвите. Но, ако сме реални: Ако Џон Сноу - кој постојано докажува дека се бори со срце, а не со глава - требаше да го убие Night King, тоа ќе се случеше многу порано. На крајот, годините на Арја поминати во обука ја спремија да го уништи засекогаш - како да стане толку тивок убиец, што и крвта што ѝ капе на под е побучна од нејзините движења.

Иако смртта доминира со серијата и се движи како облак над секој лик (особено над семејството Старк), приказната на Арја низ осумте сезони на серијата се врти околу смртта на еден многу специфичен начин. Сирио Форел ја тренираше да танцува со смртта; смртта на татко ѝ ја инспирираше да го почне списокот за убивање, Џакен Х’гар, убиец во служба на Богот на смртта ја спаси во Харенхол и ја донесе до служба на истиот бог; патувањето со The Hound служеше за да научи да убива и да почне со штиклирање на списокот; а нападите од она девојчиште што работеше со неа во The House of Black and White ја научија да ја избегнува смртта. За Арја, смртта не е само состојба - персонифицирана е и таа персона Арја ја гледа во Night King. Во втора епизода, Арја вели, „Ја познавам смртта. Има многу лица. Едвај чекам да го видам ова.” Има научено дека смртта е нешто треба да се прифати, да се прими и во одредени услови, да се надмине.

Со овој начин на гледање на смртта, Арја го гледа Night King на начин на кој Џон никогаш нема да го види. Додека да го напушти Браавос - откако од Никој, повторно ќе стане Арја Старк - повеќе не се плаши од смртта. Ја разбира многу поинтимно од било кој друг. Ви текнува на сожалувањето што го почувствува за „Серси” во претставата за Вестерос што ја начека во Браавос, во шеста сезона?

Во втора сезона, Арја му кажува на Тајвин Ланистер дека „секој може да се убие.” Од сè друго што има научено во текот на целата приказна, знае дека дури и самата смрт, на некој начин, може да се убие. Night King е смртта, па како еден од малкуте ликови што не ѝ се плашат, Арја беше единствената што може да ја порази.

3 мај 2019 - 14:31