Дороти Вигинс: Нов почеток после 61 година

Дороти Вигинс била уништена кога го загубила сопругот, но била решена дека ќе го живее животот и за кратко станува славна кога еден пријател почнал да ги снима нејзините авантури во Њујорк.

Во 2020, три месеци после неговиот 100-ти роденден, умира сопругот на Дороти Вигинс, Гај. Во брак биле 61 година, никогаш не се карале и секогаш биле заедно.

Веднаш по неговата смрт, сама во нивната куќа во Вилиџ во Њујорк, си ги исполнува деновите правејќи фото-албум од нивниот живот, но наскоро почнува и да шета по град за да си најде нови занимации.

Едно од децата, Ноел, претходно го имал ангажирано новинарот и пријател Мајкл Астор да направи краток филм за неговите родители. Сега му предложил да ја снима мајка му во секојдневните активности, во надеж дека ќе ѝ помогне да се справи со тагата, а снимките да ги искористи за да направи документарец за нејзиниот живот.

Неколку месеци потоа, Астор почнува да објавува клипови од шетањата на Вигинс низ Менхетн на Инстаграм и ТикТок. Ситна, вооружана со дрвен стап и секогаш дотерана, Вигинс наскоро добива следачи, благодарение на бескомпромисните изјави што ги дава додека шета по град. Коментира сѐ, од локални ресторани, до театарски адаптации на класични мјузикли и уметноста на заведувањето. Во еден клип, страствено објаснува за здравствените придобивки на пиењето вино со секој оброк.

Една година откако е пуштен, профилот @dorothylovesnewyork веќе има 100.000 следачи. Sвезда е, ама и на тоа има коментар:

„Мислам дека мобилните телефони се супер изум и го олеснуваат животот на сите, но социјалните мрежи се глупи,“ вели таа. „Тоа што луѓето си кажуваат детали од својот живот пред странци е глупава работа. Воопшто не сум заинтересирана.“

Иако не одобрува инфлуенсерски живот, ниту пак ги гледа објавите на Астор, Вигинс се радува кога чита коментари од фанови, или кога ги среќава на улица.

„Задоволна сум што луѓето се инспирираат од мојата долговечност и став. Порано бев манекенка и актерка, па не ми пречи што луѓето ме гледаат, или што Мајкл ме снима. Њујорчаните се многу опуштени, никој не обрнува внимание.“

Со Астор снимаат речиси секој ден, но нејзината слава на социјалните мрежи не ѝ влијае на животот. Сѐ уште се дружи со истите луѓе и се колне во „време за коктели“ што го имала секој ден со Гај - сликар и дипломат. Најголемиот ефект што социјалните мрежи го имаат е всушност кај фановите, кои се трогнати од нејзиното чувство за виталност. А таа вели дека за себе размислува како отсекогаш што размислувала, и дека ако речеш „стара сум“ тогаш и се однесуваш и размислуваш како стара.

Ќе продолжи да снима и во иднина и три години по смртта на сопругот, има научено да живее со тагата.

„Имавме магичен живот и не ми беше доволно, но животот продолжува и никогаш не е доволно доцна да го следиш времето и да почнеш нешто ново.“

Филмот што допрва доаѓа ќе се вика „Која е Дороти.“ 

12 декември 2023 - 00:00