Дојдоа новите генерации баби што не сакаат да чуваат внуци

Има една изјава од непознат автор, за љубовта меѓу бабите и дедовците и внуците: „Замислете колкава е таа љубов, кога детето што го сакате најмногу на светот има дете што го сака најмногу на светот, па сета таа љубов се собира и множи до некоја неопислива бесконечност.“ Тоа не значи дека треба да се искористува.

Дојдоа некои нови генерации на баби што имаат сосема поинакви планови за пензија. Посовремени, поактивни и посамосвесни баби што си ги сакаат внуците најмногу на свет, ама дијамантските години сакаат да ги поминат уживајќи во плодовите на целоживотната работа, а не да бидат дадилки.

И тоа би требало да е сосема во ред.

Еден хрватски магазин наоѓа повод за текст во една несекојдневна ситуација во која што се нашол човек, кој со нив ја споделува неговата приказна и сака да остане анонимен (веројатно за да не го убие мајка му). Бил разведен и посакал да се одмори, да се бања и да испие некое пиво на плажа.

Истовремено, посакал на децата да им пружи незаборавно летување. Спремил сѐ што треба за добар одмор, резервирал прифатлив апартман некаде на половина пат меѓу неговите желби и детските потреби, па потоа планот го споделил со пријатели, што веднаш го пречекале со хорор предупредувања од типот „Дали си озбилен?“ и „Тешко е на одмор со деца и кога сте двајца, а не па вака.“

И му текнало. Зошто да не ја земе и мајка му со него? Децата ја обожаваат, а и таа едвај чека прилика да се дружи со нив. Комбинацијата на сите би им одела во прилог - бабата ќе ужива, тој конечно ќе се одмори, а децата ќе си поминат убаво.

Планот пропаѓа кога ќе ја праша - мајка му му вели дека колку и да ѝ е болно што ќе го изговори тоа - не сака со него на летување. Веќе била на море и тоа ја исцрпило, и има планови и работа по дома и во двор што планира баш во тој период да ги заврши.

И не се работи за тоа дека не си ги сакаат внуците - не е љубовта доведена во прашање. Новите баби и дедовци одлучуваат дека е потребна промена во семејниот состав во кој  секогаш се смета на баба-сервис.

Дали е себично? Можеби, ама никако не значи дека е лошо.

Седмата деценија од животот денес не изгледа како што изгледаше пред 20-30 години, а да не правиме муабет за порано. Да побараш помош е во ред, да ја очекуваш до степен на фрлање возрасни тантруми ако не ти ја овозможат е во најмала рака - глупо.

Човекот што ја споделува приказната раскажува и дека многумина во неговото опкружување ја поддржале бабата - не знаат ни како можело нешто такво да му падне на памет. Остатокот, нормално, биле шокирани што мајка му одбила нешто што со радост би го прифатиле „повеќето баби“.

Можеби до пред некое време.

Сега можеби е попаметно да се остават на раат да си работат во двор, како што планирале.

4 септември 2023 - 00:00