Наслов на денот:

Добрите христијанки треба да слабеат ако мажите им кажат дека се дебели

Најјако.

Конзервативната блогерка Лори Александар има неверојатна дарба од нешто вообичаено да направи голем, брукачки слон. Презира жени кои немаат секс со сопрузите секогаш секогаш кога вториве ќе посакаат, мисли дека платеното отсуство е лошо за Америка бидејќи ги наградува жените што работат надвор од дома и инсистира дека мажите сакаат само незадолжени девици без тетоважи.

Прекрасно.

Него, последната работа што ја разработува нејзиниот велелепен ум е јадењето, и како жените премногу јадат, па според тоа - немаат никаква почит за мажите во нивните животи.

Како би реагирале ако еден ден, сопругот ве погледне и ви рече „Премногу јадеш. Мораш да ослабнеш.”?

Ова смее да го каже само ако влегуваш во нездрава категорија и изјавата му во комбинација со насекирана фаца, затоа што ти можеби, стварно премногу јадеш и имаш 12 стента.

Но, Лори Александар нема да се согласи со нас. Богобојазна жена, како што ќе каже, ќе престане да јаде премногу и ќе почне да слабее затоа што знае дека, ако го слуша мажот, значи го слуша Господ!

Дури и да се навреди, има да ги чува емоциите под контрола, а на барањето на мажот ќе одговори со почит и веднаш ќе почне да не јаде и да слабее.

Што убаво.

Инаку, историски гледано, Александар никогаш не коментира како треба мажот да изгледа. Тоа според нејзе, не е работа на неговата жена. Секогаш е едносмерна улица оваа работа.

А што, според нејзе е „претерување со јадење”? Затоа што, има разлика меѓу нездраво јадење, јадење повеќе количински затоа што трошиш енергија и качување по некое кило затоа што си нормален човек.

Во исчекување на режим на исхрана во режија на оваа фасцинантна особа, а до тогаш, почастете се еден сладолед и не трепкајте многу-многу на туѓи коментари.

16 јули 2019 - 17:06