Мода во време на корона:

Добредојдовте во ерата на дигитална модна недела

Следната модна недела во Лондон ќе се одржи дигитално и ќе ги спои ревиите за машки и женски колекции, според оранизаторите.

Мултимедијалниот настан ќе биде во јуни, со интервјуа, подкасти и дигитални шоурумс отворени за јавноста. Вака направија и Шангај и Москва, сѐ заради коронавирусот и препораките за социјално дистанцирање.

Керолајн Раш, извршна директорка на Британскиот моден совет во понеделникот вака кажа:

„Со креирање на културолошка модна платформа, ја адаптираме дигиталната иновација според нашите потреби и продолжуваме со надеж дека ќе изградиме нешто за иднината.

Другата страна на кризата се надеваме ќе се врти околу одржливост, креативност и производи што се вреднуваат, почитуваат и сакаат.“

Вестиве доаѓаат после мрачното предвидување на советот дека индустријата која во голема мера се потпира на фриленсери е во опасност од губење на половина од работната сила до крајот на 2020.

Обично полниот моден календар, сега седи на клупа поради пандемијата. Во март објавија дека модните недели во Лондон, Париз и Милано ќе се откажат или ќе се одложат. Клучни настани како Мет Гала и доделувањата на наградите за млади модни дизајнери исто се стопирани. Модната индустрија сега е принудена на период на рефлексија и наоѓање решенија за прашања од тип: дали има потреба од толку многу претстави во текот на годината?

Минатата недела, Марк Џејкобс (кој деновиве се шминка како учителка од прво до четврто во ’90-ти) имаше умно за кажување:

„Количината што ја создаваме и времето потребно да се прикаже - сето тоа е претерано. Толку далеку отидовме што нема веќе ни потрошувачи за тоа и сите се преморени. Стана обврска.“

Иако модните недели во Русија и Шангај беа скроз онлајн, прашањето дали дигитални ревии ќе функционираат исто како и физички сѐ уште се дебатира. Кога Армани ја покажа последната колекција пред празна соба во Милано во февруари, критичарите рекоа дека е „језиво“.

Фенг Ченг Ванг, лондонски дизајнер, за Гардијан вели, „Можеме да го искористиме дигиталниот момент да додадеме нови слоеви, но ни треба и физичката интеракција за да ја разбереме формата, техниката и материјалот. Можам да предвидам дека дигиталното работење ќе послужи за онлајн нарачки кога бутиците веќе си ги знаат брендовите, ги разбираат нивните вредности и не се сомневаат во нив. Но, за жал, тоа нема да функционира така лесно за нови дизајнери затоа што ризикот е преголем.“

Со несигурна економска иднина, исклучиво дигитална модна недела изгледа како економски најфино решение во моментов.

„Чекаме од Кина и Кореја да ни покажат кога ќе се врати потрошувачкиот интерес,“ вели Раш за Гардијан. „Од тоа се обидуваме да учиме.“

21 април 2020 - 13:31