Директно копирање од Пинтерест значи застарен ентериер

Според дизајнерката на ентериер Емили Шо, уредувањето по Пинтерест и слаткастите домови што личат еден на друг се завршени.

Иако верува дека сите треба да си средуваат како што ним им одговара, некои решенија што последниве години редовно се бираат веќе губат на популарност.

На пример, ќе си оди трендот на „традиционална куќа на фарма“ - голите сијалици спуштени на јажиња, рустикални детали и божем остарено. Големи прозорци, завесче под мијалникот во кујна и големи црно-бели простори полека се движат кон историја, а трендот полека станува подиректен и луѓето сакаат персонализирани простори.

Лесен начин да се премине во друга форма од „farmhouse“ е да се додаде боја. Да се насликаат форми на ѕидовите, да се избере мебел во боја, наместо неутрален - полесно е да се интегрира повеќе боја кога имаш бела база, па ако ве плаши спојување на повеќе бои, ова е одлична опција.

Скроз-белите соби стануваат сѐ помалку популарни

Скроз бели простори гледавме насекаде во последниве години, но веќе се забележува придвижување кон пошарено. „Мислам дека големите, светли, бели простори со сличен мебел во секоја куќа ќе си одат, затоа што ништо не му значат на просечниот човек,“ вели Шо. „Гледам дека многу луѓе се движат кон еклектичност и максимализам. Користат различни бои, форми, дезени и текстури и тоа ги стимулира, особено кога се дома подолго време.“

Истото важи и за морнарските детали, кои можеби ќе останат во приморски и летни куќи, ама во град одамна го имаат доживеано врвот.

„Сега поминуваме многу време на телефони и она што порано беше многу важно на социјалните мрежи беше совршениот инфлуенсер на кој сѐ му беше совршено и по дома,“ вели Шо. „Но, на луѓето им станува поудобно на социјалните мрежи, и во нивните животи и поспремно го истражуваат сопствениот простор.“

Пандемијата фрли светло на нефункционални домови

КОВИД принуди милијарди луѓе да се сокријат дома цела година и многу од нив открија дека домовите баш и не им се така функционални како што им се чини, па приоритетите им се движат кон комфор наместо кон формален декор. Едноставно е, претходно ги напуштале домовите наутро за да одат на работа и ги користеле дури попладне. Сега сфаќаат дека имаат и други потреби во текот на целиот ден.

Шо вели дека треба да се направи проценка на тоа кои елементи би биле подобри ако се на поголемо или помало растојание еден од друг, плус како сакаш да се чувствуваш во еден простор.

„Ова може да значи да избереш дизајн во кој ќе ти биде поудобно со додавање на твои работи. И не мора да биде драстично, може да биде нешто како ладно осветлување во работниот простор, а топло во спална за опуштање.“

Да се избегнува копирање дизајн директно од Пинтерест

„Многу се трудам да не го користам Пинтерест на вообичаениот начин,“ вели Шо, објаснувајќи дека бара повеќе тип на естетика за инспирација, отколку цели комбинации за копирање.

Едноставно, треба да се послушате себеси. Што ви треба за просторот? Ви треба ли нешто што ќе се вклопи? Ви треба ли нешто мултинаменско? Не треба да се копираат цели елементи на уредување од Пинтерест, туку да се користи како алатка за пронаоѓање форми што заедно би создале уникатен простор.

28 јуни 2021 - 10:58